Инвестицискиот бум во енергетските технологии поврзани со развојот на вештачката интелигенција покажува знаци на забавување, откако акциите на повеќе компании што развиваат мали нуклеарни реактори, геотермални централи и горивни ќелии забележаа пад, а инвеститорите станаа повнимателни кон нивните долгорочни перспективи.
Растечката побарувачка за електрична енергија од центрите за податоци во изминатите месеци поттикна големи вложувања во алтернативни енергетски технологии. Најголемите технолошки компании и инвестициските фондови почнаа да поддржуваат проекти што треба да обезбедат стабилно снабдување со електрична енергија, во услови на долги рокови за приклучување на мрежата, ограничена достапност на опрема за гасни електрани и променливо производство од сончевите и ветерните електрани.
Сепак, акциите на нуклеарните стартапи „Окло“ и „Икс-енерџи“, производителот на горивни ќелии „Блум енерџи“ и геотермалната компанија „Ферво енерџи“ се под највисоките вредности достигнати во изминатите 12 месеци, објави „Фајненшл тајмс“.
„Факторот на страв веќе се појави“, изјави Крис Дендринос, раководител за чиста енергија во „РБЦ Капитал Маркетс“, посочувајќи дека евентуалното забавување на изградбата на центрите за податоци, вклучително и поради можни законски ограничувања во САД, би ја намалило побарувачката за овие енергетски технологии.
Дополнителен предизвик е високата цена на новите технологии. Малите нуклеарни реактори, геотермалните проекти и горивните ќелии сè уште имаат повисоки трошоци во споредба со природниот гас и обновливите извори на енергија. Истовремено, нивната изградба бара значителни финансиски средства пред да почнат да произведуваат електрична енергија и да остваруваат приходи.
Аналитичарите оценуваат дека компаниите повеќе не можат да се потпираат само на најавени партнерства и писма за намери, туку мора да обезбедат обврзувачки договори за откуп на електричната енергија.
На развивачите на проекти им се потребни обврзувачки договори за откуп. Без нив, средствата со кои располагаат нема да бидат доволни за да ги доведат проектите до реализација, изјави Рахул Јасуџа од „Коен енд компани Капитал Маркетс“.
Како пример за големите финансиски потреби се наведува нуклеарниот стартап „Окло“, кој планира да го распореди својот прв реактор до крајот на деценијата. Компанијата годинава собра 2,25 милијарди долари преку издавање нови акции и располага со повеќе од три милијарди долари нето-готовина, но пред неа претстојат значителни трошоци за изградба.
Геотермалната компанија „Ферво енерџи“, која располага со околу 1,9 милијарди долари готовина, најави дека во последниот квартал од годинава може да потроши до 500 милиони долари. За следната година подготвува и поголем пакет проектно финансирање.
Пазарните притисоци ги погодуваат и поголемите компании. „Холтек интернешнл“ во септември се откажа од плановите за излегување на берза, со кое требаше да собере 900 милиони долари при проценета вредност од 10 милијарди долари, средства наменети за развој на нуклеарни реактори. Неизвесност има и околу планираната јавна понуда на акции на „Вестингхаус електрик“, која има амбиција да изгради до 10 големи реактори за снабдување на центрите за податоци.
И покрај падот на вредноста на акциите, интересот на технолошките гиганти за нови енергетски извори продолжува. „Гугл“ склучи договори со „Каирос пауер“ и „Ферво енерџи“, „Амазон“ го поддржа нуклеарниот развивач „Икс-енерџи“, додека „Оракл“ договори набавка на горивни ќелии од „Блум енерџи“ со капацитет до 2,8 гигавати.
Сепак, аналитичарите очекуваат големите технолошки компании да бидат повнимателни при изборот на проектите што ќе ги поддржат. Падот на пазарните проценки може да ги врати вредностите на компаниите на пореални нивоа, но истовремено постои ризик дека губењето на довербата на инвеститорите ќе им го отежне пристапот до капитал потребен за изградба.
Според соговорниците на „Фајненшл тајмс“, изградбата на центри за податоци во САД ќе продолжи, бидејќи земјата настојува да ја задржи водечката позиција во развојот на вештачката интелигенција. Но, компаниите што сакаат да ја искористат растечката побарувачка за електрична енергија ќе мора да покажат дека располагаат со финансиски одржливи проекти и конкретни договори што ќе го гарантираат нивното спроведување.
Извор: Financial Times
