Унгарија размислува да го замени Росатом во проектот „Пакш 2“

Унгарија размислува да ја замени руската државна компанија „Росатом“ како главен изведувач на проектот за проширување на нуклеарната централа Пакш и веќе испитува можности за ангажирање алтернативни добавувачи, во рамките на ревизијата на договорот вреден 12,5 милијарди евра, објави Ројтерс.

Владата на премиерот Петер Маѓар, кој победи на парламентарните избори во април, се очекува конечната одлука за иднината на проектот да ја донесе до крајот на годинава или на почетокот на следната година.

Проектот за проширување на Пакш беше доделен на „Росатом“ во 2014 година, без јавен тендер, за време на владеењето на поранешниот премиер Виктор Орбан. Тој претставува еден од најзначајните нуклеарни проекти на руската компанија во Европската Унија.

РЕКЛАМА

Според извори запознаени со ревизијата, разгледувањето ги опфаќа правните, техничките и финансиските последици од евентуалната промена на изведувачот, како и влијанието врз роковите и економската оправданост на проектот.

Еден од изворите изјавил дека владата сè повеќе се приклонува кон ставот дека проширувањето на нуклеарната централа е неопходно, но дека „Росатом“ не треба да биде вклучена во неговата реализација.

Договорот со руската компанија досега бил изменет пет пати, а подготвена е и шеста измена, која сè уште не е потпишана. Дополнителна пречка претставува одлуката на Судот на правдата на Европската Унија од 2025 година, со која беше поништено одобрението на Европската комисија за државната помош наменета за проектот.

И покрај неизвесноста, „Росатом“ соопшти дека продолжува со реализација на проектот според договорениот распоред и дека е во тек производството на главната опрема за идните енергетски блокови. Од компанијата наведоа дека не добиле официјално известување за намера за раскинување на договорот и дека не гледаат правно оправдани основи за таква одлука.

Доколку Унгарија се откаже од соработката со руската компанија, земјата би можела да ги загуби 1,1 милијарда евра што досега ѝ ги исплатила на „Росатом“, како и да се соочи со дополнителни трошоци поради евентуално прекршување на договорот.

Унгарија во голема мера зависи од увоз на енергија, а нуклеарното производство е важен дел од нејзината стратегија за обезбедување стабилно снабдување со електрична енергија. Владата на Маѓар ја поддржува употребата на нуклеарната енергија како начин за задоволување на растечката побарувачка и за балансирање на променливото производство од обновливите извори.

„Нуклеарната енергија и синџирот на снабдување за нуклеарниот сектор нудат најголем потенцијал, вклучително и на европско ниво, за обезбедување и зајакнување на сопствените капацитети“, изјави Жужа Береш, заменик-државна секретарка задолжена за нуклеарна енергија и меѓународни односи во Министерството за економија и енергетика.

Како привремено решение додека се разгледува иднината на проширувањето, Будимпешта испитува и можност за продолжување за 20 години на дозволите за работа на четирите постојни реактори во Пакш, изградени со руска технологија. Нивните дозволи истекуваат во периодот од 2032 до 2037 година.

По руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година, земјите членки на ЕУ го намалија увозот на руска нафта и гас, но нуклеарниот сектор досега во голема мера остана надвор од европските санкции. Според податоците на Светската нуклеарна асоцијација, во 2025 година Русија учествувала со околу 23 проценти во испораките на услуги за збогатување ураниум во ЕУ и со 16 проценти во снабдувањето со природен ураниум.

Евентуалниот избор на европски изведувач би можел да ја поедностави надворешнополитичката и санкциската димензија на проектот, но техничките и управувачките предизвици поврзани со неговата реализација би останале, наведува Ројтерс.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил