Гасните интерконектори со Грција и Србија, поврзувањето со Албанија, инвестициите во преносната мрежа и новите правила за обновливите извори се дел од приоритетите на Министерството за енергетика. Во интервју за МИА, министерката Сања Божиновска зборува за диверзификацијата на снабдувањето, плановите за нови енергетски капацитети, поддршката за ранливите домаќинства, управувањето со минералните ресурси и одговорноста на институциите.

„Почнавме од нула, а денес работиме на нови гасни поврзувања со Грција и Србија, инвестиции во МЕПСО и интерконекција со Албанија“, вели министерката Сања Божиновска во интервју за МИА, во кое ги издвојува инфраструктурните проекти, законските промени и создавањето институционални услови за развој на енергетскиот сектор.
Според неа, целта е истовремено да се зајакнат сигурноста на снабдувањето, можностите за инвестирање и поддршката за граѓаните, со посебен акцент на поврзувањето со регионалните енергетски пазари.
Еден од главните приоритети е диверзификацијата на снабдувањето со природен гас. Интерконекторот со Грција е во изградба, а на македонската делница досега се заварени околу 30 од вкупно 67 километри цевковод. Целта е проектот да биде завршен во 2027 година, со почетен капацитет од 1,5 милијарди кубни метри годишно.
„Досегашната зависност од една влезна гасна врска ја ограничува флексибилноста. Поврзувањето со Грција, а потоа и со Србија, создава услови за пристап до повеќе извори, до терминалите за течен природен гас преку грчкиот систем и до поширокиот европски пазар“, посочува Божиновска.
За интерконекторот со Србија е потпишан договор за проектирање и изградба на македонскиот дел, во вредност од 29,4 милиони евра. Предвидени се 22,4 километри гасовод, двонасочен проток и капацитет од 1,4 милијарди кубни метри годишно.
Поврзувањето на јужниот и северниот гасен правец, според министерката, ќе создаде услови Македонија да добие поголема флексибилност при снабдувањето, но и можност за транзит на гас. Дополнителна регионална димензија носи приклучувањето кон Вертикалниот гасен коридор, кој ги поврзува гасните системи на девет држави.
Паралелно со изградбата на инфраструктурата, Министерството работи и на воспоставување организиран пазар на природен гас преку МЕМО, со цел новите врски да бидат придружени со јасни правила и услови за конкуренција.
Подготовка и за водородот, инвестиции во преносната мрежа
Новите гасни врски се планираат и со поглед кон идните технологии. Интерконекторот со Грција е проектиран да овозможи иден транспорт на водород, а таква подготвеност е предвидена и за врската со Србија.
Во јули беше завршена првата сеопфатна национална студија за водородот, со техничка помош финансирана од Европската Унија преку ИПА II и Инвестициската рамка за Западен Балкан. Студијата ги разгледува можностите за производство, транспорт, складирање и употреба на зелен водород.
„Така денешните вложувања ги усогласуваме со идните потреби на индустријата и европскиот енергетски пазар“, вели Божиновска.
Покрај гасните проекти, значајно место во енергетските планови има и модернизацијата на електропреносната мрежа. Како конкретен пример министерката го наведува решавањето на долгогодишното имотно прашање со трафостаницата Дуброво, чија сопственост е запишана на МЕПСО.
Трафостаницата од 400/110 киловолти е изградена во 1977 година и има значење за домашното снабдување и прекуграничните врски. Во Дуброво е планирано и поставување шант-реактор, чие пуштање во работа е предвидено за почетокот на 2027 година. Опремата треба да помогне во контролата на напонот и да придонесе за постабилно работење на преносниот систем.
Во тек се и активности поврзани со реконструкцијата на трафостаници, решавањето на имотно-правните прашања за далекуводот Бунарџик–Миладиновци и подготовката на мастер-планот за развој на мрежата.
Регионалната електроенергетска поврзаност треба да се зајакне и преку 400-киловолтниот далекувод од Битола кон албанската граница, со поврзување со Елбасан. Проектот треба да овозможи поголема размена на електрична енергија со соседните системи.
„Ако сакаме нови производни капацитети, посилна индустрија и поголема размена со соседите, потребна е мрежа што може сигурно да го поднесе тоа оптоварување“, истакнува министерката.
Над 800 иницијативи за нови енергетски објекти
Интересот за инвестиции во енергетиката останува висок. За годишниот план за 2027 година се поднесени повеќе од 800 иницијативи од приватни и државни инвеститори, кои се предмет на евалуација.
Божиновска нагласува дека поднесувањето иницијатива е само почеток на постапката и дека секој проект треба да ги исполни условите во однос на документацијата, усогласеноста со плановите и можностите за приклучување на мрежата.

Со новиот Закон за користење на енергијата од обновливи извори се уредуваат прашањата поврзани со производителите и потрошувачите, мерките за поддршка, гаранциите за потекло и енергетските заедници. Предвидени се и двонасочни договори за пазарно порамнување на разликата, кои треба да придонесат за поголема предвидливост на инвестициите.
Според министерката, развојот на соларните и ветерните електрани мора да оди паралелно со инвестициите во мрежата и складирањето енергија. Батериските системи овозможуваат дел од произведената електрична енергија да се зачува и да се користи во периоди кога производството од обновливи извори е помало.
„Развојот на производството мора да оди заедно со развојот на мрежата и складирањето“, посочува Божиновска, нагласувајќи дека техничката подготвеност на системот е важна за искористување на новите производни капацитети.
Во пошироката рамка на енергетската транзиција, ажурираното портфолио на Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција опфаќа 81 проект со вкупна вредност од околу 1,77 милијарди евра, од кои за проекти вредни околу 460 милиони евра е обезбедено финансирање.
Поддршка за ранливите домаќинства и дефинирање на енергетската сиромаштија
Покрај инфраструктурните инвестиции и законските промени, Министерството продолжува со програмите за поддршка на ранливите категории граѓани.
Во март годинава започна распределбата на 4.070 ваучери за набавка и вградување инвертер-клими, по јавниот оглас за 2025 година. Ваучерите овозможуваат набавка на уред со моќност од 3,5 киловати и најмалку енергетска класа А+, во вредност до 28.000 денари.
Во септември беа објавени и списоците со над 500 нови ваучери во рамките на програмата за 2026 година, наменети за домаќинства што ги исполнуваат утврдените услови поврзани со попреченост.

Дополнително, со новиот Закон за енергетика за првпат е дефинирана енергетската сиромаштија, а донесена е и методологија за нејзино мерење. Целта е поддршката да се насочува врз основа на утврдени потреби, приходи, трошоци и услови за живеење.
„Енергетската ефикасност има и социјално значење. Подобриот уред може да ја намали потребната потрошувачка за загревање на просторот и да ги подобри условите за живеење“, вели Божиновска.
Поголеми концесиски надоместоци и стратегија за минералните суровини до 2046 година
Во областа на геологијата и рударството, Министерството се фокусира на долгорочно планирање, подобри податоци за природните ресурси и зголемена контрола врз нивното користење.
Донесена е Стратегијата за геолошки истражувања и одржливо искористување на минералните суровини за периодот 2026–2046 година. Таа треба да обезбеди долгорочна рамка за истражувањата, инвестициите и одржливото управување со ресурсите.
Божиновска појаснува дека проспекциските истражувања служат за утврдување на геолошкиот потенцијал и не значат автоматска одлука за отворање рудник. За евентуална експлоатација се потребни посебни постапки и исполнување на законските, еколошките и другите услови.
Министерката наведува дека со новиот тарифник, кој се применува од 1 јануари 2025 година, концесиските надоместоци се зголемени до 100 проценти, а контролите врз концесионерите се засилени. Според податоците што ги посочува, во 2025 година се наплатени над 1,22 милијарди денари концесиски надоместоци за експлоатација, наспроти околу 561,5 милиони денари во 2024 година. Во првата половина од 2026 година наплатата изнесува околу 573,9 милиони денари.
Како пример за можноста природното богатство да добие поголема економска вредност, таа го наведува македонскиот рубин. Географскиот назив „Македонски рубин“ е заштитен со решение од 17 јуни, а продолжуваат активностите за стручна контрола на квалитетот и неговите посебни својства.
Според Божиновска, заштитата на потеклото и потврдувањето на квалитетот можат да отворат нови можности за домашните обработувачи, занаетчии, дизајнери и туристичкиот сектор.
Божиновска: Одговорноста мора да се утврдува според надлежностите
Осврнувајќи се на интерпелацијата поднесена од Левица, Божиновска вели дека оценката за работата на Министерството треба да се темели на проверливи резултати и на законските надлежности на институцијата.
Таа ги издвојува донесувањето на новиот Закон за енергетика и Законот за користење на енергијата од обновливи извори, годишното планирање на новите енергетски објекти, стратегијата за минералните суровини, националната процена за сигурноста на снабдувањето со гас и водородната студија.
Во однос на критиките поврзани со долгот и тендерите на ЕСМ, како и маржата на универзалниот снабдувач, министерката нагласува дека мора јасно да се разграничат надлежностите на Министерството, компаниите и регулаторот.
„ЕСМ има Управен и Надзорен одбор, а сопственичките права ги остварува Владата. За неговите набавки, договори, финансиски обврски и продажни понуди одговараат надлежните органи на компанијата“, вели Божиновска.
Таа посочува дека одлуката за избор на понудата на ЕВН за универзален снабдувач била донесена на 16 април 2024 година, пред формирањето на Министерството и нејзиното стапување на функцијата. Маржата од 9,9 проценти, според неа, е бруто-снабдувачка маржа од тендерската постапка и не треба да се поистоветува со нето-добивката на компанијата.
Божиновска додава дека РКЕ е независно регулаторно тело и дека Министерството не ја утврдува крајната цена на електричната енергија за домаќинствата.
„Подготвена сум за сериозна парламентарна расправа и за одговорност за секоја одлука што е во моја надлежност. Но тврдењето дека нема резултати не може да опстои ако се разгледаат законите, програмите, документите и придвижените проекти“, истакнува министерката во интервјуто за МИА.
Таа потсетува и дека Министерството било формирано од почеток, со потреба да се обезбедат простор, кадар, организација и административни услови за функционирање. Како показател за транспарентноста, го наведува резултатот од 100 проценти според Индексот на активна транспарентност на Центарот за граѓански комуникации, остварен во септември.
Во интервјуто Божиновска посочува дека меѓународната соработка, преку меморандумите со Србија, Косово, САД и Хрватска, како и преку редовниот министерски дијалог со соседните земји, треба да резултира со конкретни инфраструктурни проекти, техничка помош, пристап до финансирање и размена на знаења.
„Мојата задача е македонските потреби да бидат јасно претставени и договореното да има продолжение во работата на институциите. Резултатот треба да се види во подобро подготвен проект, усогласена прекугранична врска, техничка помош или пристап до финансирање“, вели Божиновска.
Извор: МИА
