Европа ја дочекува зимата со ниски резерви на гас

Европската Унија влегува во зимата 2026/2027 со значително пониски залихи на природен гас од вообичаеното за овој период од годината. Продолжените нарушувања на глобалните енергетски пазари поради војната во Иран дополнително ја усложнуваат состојбата, а новите анализи предупредуваат дека во претстојната грејна сезона на ЕУ би можеле да ѝ недостигаат до 14 милијарди кубни метри гас, односно околу 7% од нејзината побарувачка.

Предупредувањето го упатува американскиот Институт за енергетска економија и финансиска анализа (IEEFA), а слични ризици се наведени и во зимската процена за снабдувањето во сезоната 2026/2027 на Европската мрежа на оператори на системи за пренос на гас (ENTSOG), презентирана пред претставници на националните енергетски власти во четвртокот.

Според анализите, на 9 октомври резервите во европските складишта се нешто над 70% од капацитетот, што е најниско ниво за овој период од годината откако почнале да се водат споредливи податоци во 2011 година. Една од причините е што високите цени во текот на летото им давале поттик на трговците да го продаваат гасот наместо да го складираат за претстојната зима.

РЕКЛАМА

Ниските резерви ја оставаат Европа со помала заштита од евентуални прекини во снабдувањето, особено ако зимата 2026/2027 биде студена, а можностите за дополнителен увоз останат ограничени. Тоа не значи дека ЕУ нужно ќе остане без гас, но може да ја принуди да купува дополнителни количества по високи цени на меѓународните пазари или, доколку испораките не бидат доволни, да воведе мерки за ограничување на потрошувачката.

„Европа има помала резерва за справување со нарушувањата на глобалното снабдување и е поранлива на ценовни скокови“, предупредува Ана Јалер–Макаревич, главна аналитичарка за европската енергетика во IEEFA.

Според процената на ENTSOG за претстојната зима, во сценарио со студено време и ограничен увоз на течен природен гас (ЛНГ), залихите во европските складишта би можеле да се спуштат до само 11%. Доколку Европа сака до крајот на зимата да задржи резерви од 30% и да ја намали изложеноста на нови студени периоди, ќе треба да обезбеди дополнителен гас или да ја ограничи потрошувачката.

Дополнителен притисок се очекува од забраната на ЕУ за долгорочни договори за снабдување со руски ЛНГ, која треба да стапи во сила во јануари 2027 година. Според IEEFA, оваа промена би можела дополнително да го намали европскиот увоз за околу седум милијарди кубни метри. Рускиот гас во минатото помагал да се покријат сезонските осцилации во побарувачката, особено во зима, но Европа сега во поголема мера се потпира на залихите во складиштата.

Во последните две години побарувачката за гас во зимските месеци се зголемувала, додека увозот во ЕУ стагнирал. Тоа придонело европските земји да повлекуваат сè поголеми количества од складиштата за да ја покријат потрошувачката во студениот период. Во јануари 2026 година нето-повлекувањето од резервите достигнало 22,6 милијарди кубни метри, наспроти 18,8 милијарди кубни метри во јануари 2025 година и 17,8 милијарди кубни метри во јануари 2024 година.

Една од можностите за надоместување на евентуалниот недостиг во зимата 2026/2027 е дополнителен увоз на ЛНГ, кој Европа сè повеќе го набавува од САД. Но, според IEEFA, увозот на количества што би го надоместиле очекуваниот недостиг би можел да ја чини ЕУ дополнителни три милијарди евра. Тоа е околу 12% повеќе од цената што истото количество би ја имало една година претходно.

Дополнителна неизвесност создава и ограничениот простор за зголемување на американското производство на ЛНГ, кое веќе работи близу до максималниот капацитет. Поголемата европска побарувачка затоа би можела да ја засили конкуренцијата за испораки на глобалниот пазар, вклучително и со азиските купувачи.

Сепак, дел од аналитичарите сметаат дека пазарните механизми би можеле да спречат најдрастични сценарија за недостиг. Лоран Русекас, висок аналитичар за пазарите на гас во S&P Global Energy, оценува дека брзото трошење на резервите на почетокот на зимата би ги зголемило цените и би привлекло дополнителни испораки на ЛНГ кон Европа.

Но, просторот за намалување на потрошувачката е ограничен. Русекас посочува дека европската индустриска побарувачка веќе претрпела голем удар по руската инвазија врз Украина во 2022 година, при што околу 20% од индустриската потрошувачка на гас исчезнала и досега не се обновила.

Европа, така, ја започнува зимата 2026/2027 со ниски резерви, неизвесност околу дополнителните испораки и засилена конкуренција за ЛНГ. Иако недостигот не е неизбежен, комбинацијата од студено време и ограничена понуда може да ја направи грејната сезона поскапа за домаќинствата и индустријата, а обновувањето на резервите за зимата 2027/2028 – посложено.

Извор: Politico.eu

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил