Владите на земјите од Европската Унија годинава потрошиле 17,9 милијарди евра за ублажување на последиците од повисоките цени на нафтата и гасот врз домаќинствата и компаниите, смета Европската комисија.
Според Комисијата, 25 земји членки вовеле фискални мерки по избувнувањето на конфликтот на Блискиот Исток, со кои требало да се намали влијанието на високите цени на енергијата. Вкупниот буџетски трошок е еднаков на околу 0,1% од БДП на ЕУ-27 во 2026 година.
Сепак, Комисијата оценува дека повеќе од две третини од оваа поддршка се однесува на општи мерки за ограничување на цените, наместо на помош насочена кон домаќинствата и компаниите кои се најпогодени од енергетскиот шок.
Повеќе од две третини од поддршката се однесува на ненасочени ценовни мерки и затоа не е во согласност со потребата краткорочните мерки да бидат насочени кон најранливите, да ги минимизираат фискалните трошоци и да бидат усогласени со потребата за декарбонизација на енергетскиот систем.
Комисијата ги повикува владите наместо широко поставени субвенции и ценовни интервенции да користат краткорочни, добро дизајнирани и привремени мерки, насочени кон оние на кои им се најпотребни. Според Брисел, тоа е една од лекциите од енергетската криза во периодот 2022-2023 година.
Покрај директната поддршка, Европската комисија предлага земјите членки да го забрзаат инвестирањето во електроенергетските мрежи и да применуваат пониско даночно оптоварување на електричната енергија во однос на гасот. Целта е ценовните сигнали да поттикнат поголемо користење електрична енергија и постепено намалување на зависноста од фосилните горива.
Препораките доаѓаат во услови на зголемени трошоци за финансирање на европските држави. Приносите на државните обврзници во еврозоната се блиску до повеќегодишни максимуми, додека продолжениот енергетски шок ги зголемува очекувањата дека Европската централна банка би можела да ги зголеми каматните стапки најмалку трипати до крајот на 2027 година.
Во документот, Европската комисија наведува дека растот на економијата во еврозоната во 2026 година би можел да биде нешто над претходно проектираните 0,9%, но очекувањата за 2027 година се влошени во однос на претходната прогноза од 1,2%.
Инфлацијата, според Комисијата, се очекува да биде околу 3,0% годинава, додека за 2027 година се очекува да биде повисока од претходно проектираните 2,3%.
Мерките за енергетските цени и економските последици од енергетскиот шок ќе бидат меѓу темите на состанокот на министрите за финансии на еврозоната на 8 октомври.
Извор: Ројтерс
