Во Европа нема непосреден ризик за снабдувањето со енергија во текот на зимата, но високите и нестабилни цени остануваат сериозен предизвик за домаќинствата и компаниите, оцени европскиот комесар за енергетика Дан Јоргенсен по вчерашниот неформален состанок на министрите за енергетика на ЕУ во Даблин.
Јоргенсен посочи дека Европа и натаму се соочува со енергетска ценовна криза, во услови на нестабилна глобална геополитичка состојба, а од почетокот на војната ЕУ веќе платила повеќе од 100 милијарди евра дополнително за увоз на фосилни горива, без да добие дополнителни количини енергија.
– Тоа е остар пример за тоа колку е опасно и скапо да се биде зависен од увезени фосилни горива, рече Јоргенсен.
Тој нагласи дека долгорочната стратегија на ЕУ мора да остане насочена кон чиста енергија и намалување на зависноста од увоз, но оти во периодот на транзиција се потребни прагматични и флексибилни мерки за да им се помогне на граѓаните и компаниите.
Според него, поголемото производство на чиста енергија во Европа, подобрите интерконекции, модернизираните електроенергетски мрежи, складирањето, енергетската ефикасност и електрификацијата се клучни за структурно намалување на цените.
– Насоката на нашето патување е поставена, а тоа е чиста енергетска независност, рече европскиот комесар.
Како една од краткорочните мерки, Јоргенсен ја посочи можноста целите за пополнетост на резервите на гас да бидат намалени на 80%, со оцена дека тоа може да помогне во намалувањето на притисокот врз цените и трошоците за повторно полнење на складиштата.
Тој истакна и дека мерките за помош треба да бидат привремени и добро насочени, бидејќи јавните средства се ограничени и не треба да се трошат на мерки што би можеле да ја зголемат зависноста од фосилните горива.
Јоргенсен потврди дека Европската комисија разгледува и дополнителна флексибилност во однос на транспортните горива, поради нивното влијание врз граѓаните и економијата.
Ирскиот министер за животна средина, климатските прашања и енергетиката Дерек О’Брајан оцени дека клучната порака од состанокот е потребата од забрзување на електрификацијата на европското општество, со користење на чиста енергија произведена во Европа.
– Краткорочното олеснување е навистина важно, но трајната достапност на енергијата доаѓа од промена на структурата на нашиот енергетски систем, рече тој.
Ирска, која претседава со Советот на ЕУ, најави дека во текот на своето претседателство ќе работи на финализирање на пакетот за електроенергетските мрежи и на враќање на прашањето за мрежните тарифи во Советот во декември.
О’Брајан соопшти и дека ирската влада одобрила нови мерки за намалување на енергетските трошоци и забрзување на преминот од фосилни горива. Владата досега вовела мерки во вредност од повеќе од 1,4 милијарди евра за поддршка на домаќинствата, компаниите и клучните економски сектори.
Посебно внимание ќе биде посветено на домаќинствата изложени на енергетска сиромаштија, медицински ранливите потрошувачи, домаќинствата со пониски приходи и станарите.
Ирскиот министер рече дека досега се енергетски санирани околу 287.000 домови, со инвестиции од речиси две милијарди евра, а оваа година за мерки за енергетска санација се предвидени околу 640 милиони евра.
На состанокот значајно место зазеде и прашањето за брзиот раст на потрошувачката на електрична енергија од центрите за податоци.
Јоргенсен рече дека центрите за податоци моментално трошат околу 2,5% од електричната енергија во Европа, а се очекува нивната потрошувачка да се удвои во следните неколку години.
– Ни требаат центри за податоци. Ни треба технологија во Европа што денес ја немаме, а ќе ни биде потребна во иднина. Тоа е важно за работните места, развојот и конкурентноста, но истовремено е и предизвик, рече тој.
Европската комисија веќе вовела ознака со која треба да се овозможи поголема транспарентност за потрошувачката на енергија и влијанието врз водните ресурси на центрите за податоци, а следниот чекор ќе биде воведување стандарди за поголема енергетска ефикасност и одржливост.
О’Брајан, пак, посочи дека информациско-комуникацискиот сектор е еден од темелите на ирската економија и оти новиот пристап предвидува 80% од електричната енергија за новите центри за податоци да доаѓа од нови извори на обновлива енергија.
Енергетската безбедност беше уште една од главните теми на состанокот. Јоргенсен предупреди дека европската енергетска инфраструктура е изложена на различни видови хибридни закани, сајбернапади и физички напади, вклучително и инциденти со дронови и активности насочени кон инфраструктурата под морето.
– Заканата за нашата енергетска инфраструктура е многу реална, рече тој, додавајќи дека ЕУ работи на подобра заштита на критичната инфраструктура и поблиска соработка со НАТО.
Во однос на Украина, комесарот нагласи дека енергетскиот сектор останува стратешка цел во војната и оти ЕУ ќе продолжи да обезбедува финансиска и друга поддршка за подготовка на земјата за зимата.
На прашање за можноста земјите членки да ги користат своите стратешки резерви на нафта по најавата на САД за ослободување на преостанати количини од резервите, Јоргенсен рече дека прашањето се разгледува во ЕУ и со партнерите во Меѓународната агенција за енергија.
Тој посочи дека ослободувањето резерви може да помогне во ублажување на ценовните пикови, но дека истовремено резервите се потребни и за потенцијално посериозни ситуации.
– Мора да најдеме баланс кога е вистинското време за ослободување на резервите. Сè уште треба да разговараме со земјите членки и со Меѓународната агенција за енергија, рече Јоргенсен.
Енергетика 24
