Европската комисија останува на рокот 1 ноември за постепено исфрлање на инверторите од кинески производители од енергетските проекти финансирани со средства на Европската Унија, и покрај барањата од инвеститорите и индустријата за дополнително време.
Според „Еуроњуз“, европските претставници потврдиле дека Брисел засега нема намера да го продолжи рокот. Од 1 ноември, проектите кои се поврзани или треба да се поврзат со електроенергетската мрежа на ЕУ ќе мора да исклучат добавувачи кои се оценети како високоризични или постепено да преминат кон опрема од добавувачи кои не се сметаат за високоризични.
Мерката се однесува на инверторите што се користат во соларни и ветерни електрани, како и во системи за складирање енергија.
Европската комисија претходно годинава усвои привремени насоки со кои се ограничува користењето средства од ЕУ за проекти за чиста енергија што зависат од инвертори од високоризични добавувачи. Меѓу компаниите на кои се однесува политиката се и кинески производители како „Хуавеи“.
Главниот аргумент на Брисел е сајбер-безбедноста на европската електроенергетска инфраструктура. Европските институции предупредуваат дека инверторите се поврзани со електричните мрежи и дека, во одредени сценарија, производителите би можеле од далечина да пристапат до нив или да влијаат врз нивното функционирање. Тоа, според проценките на ЕУ, отвора потенцијални ризици за стабилноста на мрежите и снабдувањето со електрична енергија.
Од друга страна, инвеститорите и претставниците на индустријата предупредуваат дека европските производители можеби немаат доволен капацитет за да ги обезбедат потребните количини инвертери во краток период и по конкурентни цени.
Особена загриженост изразиле институционални инвеститори, меѓу кои и Европската инвестициска банка, како и секторот за обновлива енергија. Тие стравуваат дека брзото преминување кон алтернативни добавувачи може да ги зголеми трошоците и да предизвика практични проблеми кај проектите што веќе се во развој.
По состанокот со претставници на индустријата и инвеститорите во јуни, дел од засегнатите страни побарале исклучоци или одложување на рокот до 1 ноември.
Нивниот став е дека рокот е тешко остварлив, особено во услови на високи енергетски трошоци и зголемени инвестиции потребни за изградба на нови капацитети за обновлива енергија.
Во Брисел, сепак, ставот во моментов е дека постои доволно алтернативно снабдување со инвертори од добавувачи надвор од Кина. Европската комисија смета дека дополнителните трошоци за поголема безбедност на европската енергетска инфраструктура се оправдани.
Компаниите што ги реализираат проектите сега ќе мора да ги приспособат плановите и буџетите, не само за набавка на инвертерите, туку и за гаранции, сервисирање и одржување на опремата.
Сепак, дел од индустријата сè уште очекува Брисел да дозволи исклучоци за конкретни проекти, особено во случаи кога доцнењето е предизвикано од непредвидени околности, како пролонгирани постапки за добивање дозволи.
Извор: Euronews.com
