Пет кујнски апарати кои не треба да останат приклучени по употреба

Дел од кујнските апарати продолжуваат да трошат електрична енергија и кога не се користат активно, а кај одредени уреди оставањето во струја може да претставува и дополнителен безбедносен ризик.

Електричарот и сопственик на „Haas & Sons Electric“, Крис Хас, за порталот „Southern Living“ посочува пет апарати кои е препорачливо да се исклучат од штекерот веднаш по употребата.

Апаратот за кафе е меѓу уредите кои можат да продолжат да користат електрична енергија и по подготовката на кафето. Дигиталните дисплеи, грејните плочи и внатрешните грејачи за вода можат да останат активни и кога апаратот не подготвува кафе. Дополнително, неисправност на грејниот елемент, особено при недостиг на вода, може да создаде ризик од прегревање.

РЕКЛАМА

Блендерите и процесорите за храна исто така е препорачливо да се исклучуваат од струја. Причината не е само потрошувачката, туку и можноста моторот ненамерно да се активира при чистење или ракување со сечилата. Кај современите уреди со чувствителни или механички прекинувачи, случаен допир може да биде доволен за нивно активирање.

Електричните бокали користат грејни елементи кои за кратко време повлекуваат голема количина електрична енергија. Ако бокалот остане приклучен и ненамерно се активира додека е празен, неисправност на заштитниот термопрекинувач може да доведе до прегревање, оштетување на куќиштето или електричен пожар.

Ер фраерите, односно апаратите за подготовка на храна со топол воздух, исто така спаѓаат во групата уреди што е подобро да се исклучат по употребата. Тие користат грејни елементи со висока моќност и вентилатори кои за кратко време можат да создадат значително електрично оптоварување. Хас препорачува апаратот најпрво да се излади, а потоа да се исклучи од штекер.

Тостерите, како и електричните грилови и апаратите за вафли, се меѓу уредите кај кои треба да се обрне особено внимание. Тостерите имаат грејни елементи кои повлекуваат значителна струја, а трошките од храна можат да останат во внатрешноста. Според Хас, дефект на внатрешните прекинувачи или термичките релеи може ненамерно да го активира грејниот елемент.

Освен безбедносниот аспект, исклучувањето на апаратите од струја може да помогне и во намалување на таканаречената „phantom“ или „standby“ потрошувачка, односно електричната енергија што одредени уреди ја користат и кога формално не се во употреба.

Иако потрошувачката на еден мал апарат во мирување најчесто е ограничена, акумулирана преку голем број уреди и подолг период може да има влијание врз вкупната потрошувачка на електрична енергија во домаќинството.

Затоа, едноставно правило е апаратите со грејни елементи, мотори или чувствителна електроника да не се оставаат непотребно приклучени, особено кога нема да се користат подолго време.

Извор: Southernliving.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил