Секој четврти нов камион регистриран во Швајцарија во првата половина од годинава бил електричен или со ниски емисии, со што земјата се издвојува како европски лидер во електрификацијата на товарниот патен транспорт.
Според податоците за првите шест месеци од 2026 година, возилата со нулта или ниска емисија сочинуваат 25% од новите регистрации на камиони, пред земјите кои важат за пионери во електрификацијата, како Норвешка, Шведска, Холандија и Австрија.
Сепак, електричните камиони сè уште претставуваат помалку од 4% од вкупниот возен парк од околу 50.000 товарни возила во земјата. Нивниот број, но и уделот во новите регистрации, постојано растат од 2022 година.
Главен поттик за преминот кон електрични камиони е ослободувањето од швајцарската такса за тешки товарни возила TTPCP. Висината на оваа давачка зависи од поминатите километри, тежината на возилото и неговата емисиона категорија.
За превозниците, ослободувањето носи значителни заштеди. Според Volvo, еден електричен камион може да му заштеди на превозникот повеќе од 550.000 швајцарски франци до 2035 година, при годишна километража од 100.000 километри.
Од Меѓународната унија за патен транспорт (IRU) оценуваат дека швајцарскиот модел им овозможува на компаниите постепено да ги обновуваат возните паркови и полесно да го планираат преминот кон почист транспорт.
Дополнителна предност е релативно краткото растојание на голем дел од домашниот товарен транспорт. Околу 66% од патувањата се одвиваат во рамките на Швајцарија, што создава поволни услови за користење електрични камиони.
Швајцарската транспортна компанија Galliker Transport веќе има 109 електрични камиони, а планира до 2027 година да има 214 возила на алтернативни горива. Во следните десет години компанијата има цел да електрифицира 650 камиони.
За реализација на планот, Galliker ќе инвестира повеќе од 120 милиони швајцарски франци во инфраструктура за полнење меѓу 2026 и 2030 година. Според проценките на компанијата, целосната електрификација би можела да намали емисии за околу 48.000 тони CO₂ годишно.
Сепак, високата почетна цена останува една од главните пречки. Електричен камион во Швајцарија чини меѓу 280.000 и 320.000 швајцарски франци, речиси двојно повеќе од дизелски камион, додека поставувањето станица за полнење може да чини дополнителни 60.000 до 80.000 франци.
И покрај повисоката почетна инвестиција, даночните олеснувања и пониските оперативни трошоци ја прават електрификацијата сè попривлечна за швајцарските превозници.

Извор: Swissinfo.ch
