Диверзификацијата на изворите и транспортните правци за природен гас останува најважниот предуслов за зајакнување на глобалната енергетска безбедност, додека конфликтот на Блискиот Исток уште еднаш ја покажа ранливоста на светските пазари, оценува извршниот директор на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), Фатих Бирол.
Во интервју за Energy Connects во пресрет на конференцијата Gastech 2026, Бирол предупредува дека војната на Блискиот Исток сериозно ги нарушила глобалните текови на течниот природен гас (ЛНГ), а последиците ќе се чувствуваат и во наредниот период.
Според него, помеѓу март и јуни испораките на ЛНГ од Катар и Обединетите Арапски Емирати биле намалени за околу 35 милијарди кубни метри во споредба со истиот период лани. Околу две третини од тој недостиг бил надоместен со дополнително производство од нови LNG-проекти во Северна Америка и Африка, но и покрај тоа глобалното производство на ЛНГ се намалило за околу 4%, што дополнително го затегнало пазарот.
ИЕА очекува извозот на ЛНГ од Персискиот Залив постепено да се нормализира и до почетокот на четвртиот квартал капацитетите повторно да работат со полн интензитет. Доколку закрепнувањето се одложи, 2026 година би можела да биде првата година од 2012 наваму во која ќе се забележи пад на глобалното снабдување со ЛНГ.
Повисоките цени ќе ја намалат побарувачката
Бирол оценува дека повисоките цени на природниот гас ќе доведат до намалување на глобалната побарувачка во 2026 година, што би било трет годишен пад во оваа деценија.
Причината, според него, е намалената потрошувачка на Блискиот Исток, но и во Азија, каде високите цени на ЛНГ повторно ја зголемуваат употребата на јаглен во производството на електрична енергија.
„Овие случувања покажуваат колку брзо геополитичките настани можат да ги променат глобалните пазари на гас. Истовремено, тие ја потврдуваат важноста на диверзификацијата на снабдувањето“, нагласува Бирол.
Диверзификацијата е „златно правило“
Според првиот човек на ИЕА, „златното правило“ за енергетската безбедност е избегнување на прекумерната зависност од еден снабдувач или една транспортна рута.
Покрај диверзификацијата, Бирол препорачува државите да воспостават рамнотежа меѓу долгорочните договори и набавките на спот-пазарите, како и да инвестираат во поголема флексибилност на системот преку нови ЛНГ-терминали, двонасочни гасоводи, дополнителни интерконекции и капацитети за складирање на природен гас.
Тој нагласува дека добро организираните пазари и меѓународната соработка меѓу производителите и потрошувачите остануваат клучни за сигурноста на снабдувањето.
ЛНГ-бранот не е запрен, туку одложен
И покрај актуелната криза, Бирол смета дека најавениот бран нови ЛНГ-капацитети не е откажан.
„Бранот на ЛНГ сè уште доаѓа, иако неговото пристигнување е одложено поради кризата. Во развој се огромен број извозни проекти, а 2025 година беше рекордна според бројот на одобрени ЛНГ-инвестиции“, вели тој.
Според него, производителите треба дополнително да работат на намалување на емисиите долж целиот синџир на снабдување, особено на емисиите на метан, за природниот гас да остане конкурентен во енергетската транзиција.
AI создава нов бран побарувачка за гас
Бирол посочува дека експанзијата на дата-центрите за вештачка интелигенција создава дополнителен притисок врз електроенергетските системи.
Само пет големи технолошки компании годинава се очекува да инвестираат повеќе од 700 милијарди долари во инфраструктура, најголем дел во дата-центри.
Кога електроенергетската мрежа не може навреме да обезбеди приклучок, дел од операторите инсталираат сопствени електрани на природен гас. Тоа, според ИЕА, придонело побарувачката за гасни турбини да достигне највисоко ниво во последните 25 години.
Сепак, Бирол нагласува дека природниот гас нема да биде единственото решение. Големите технолошки компании паралелно инвестираат во обновливи извори на енергија и нуклеарни технологии, вклучително и мали модуларни реактори (SMR), со цел да обезбедат сигурно снабдување со електрична енергија за идните AI-центри.
Извор: EnergyConnects.com
