САД ја продолжија лиценцата за НИС до 28 август

Канцеларијата за контрола на странски средства (ОФАК) при американското Министерство за финансии ја продолжи специјалната лиценца за работење на Нафтената индустрија на Србија (НИС) до 28 август 2026 година, со што компанијата ќе може непречено да продолжи со увозот и преработката на сурова нафта.

Информацијата ја соопшти српската министерка за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, која оцени дека продолжувањето на лиценцата претставува позитивен развој, иако неизвесноста околу идниот статус на компанијата останува.

„Добра вест е што лиценцата е продолжена за уште 30 дена. Во тој период НИС ќе може да обезбеди доволни количини сурова нафта и да продолжи со испораките. Сепак, неизвесноста трае веќе 18 месеци и создава сериозни предизвици, додека ги следиме преговорите меѓу руската страна и унгарската компанија МОЛ“, изјави Ѓедовиќ Хандановиќ за време на посетата на Охрид, каде престојуваше во рамки на владината делегација.

РЕКЛАМА

Новата лиценца овозможува продолжување на работењето на рафинеријата во Панчево и непречена преработка на сурова нафта. Претходната лиценца истекуваше на 31 јули.

Продолжувањето на лиценцата доаѓа во период кога се водат разговори за можно преземање на рускиот удел во НИС од страна на унгарската енергетска компанија МОЛ. ОФАК претходно ја продолжи и лиценцата на МОЛ за водење преговори околу потенцијалната трансакција.

Во меѓувреме, и хрватскиот оператор на Јадранскиот нафтовод ЈАНАФ соопшти дека, во соработка со Владата на Хрватска, обезбедил продолжување на американската лиценца што му овозможува да продолжи со исполнување на договорните обврски кон НИС до 28 август.

Од компанијата порачаа дека продолжувањето на лиценцата обезбедува континуитет на договорените деловни активности и сигурност во снабдувањето, во согласност со меѓународните регулаторни правила и важечките санкциски режими.

„Продолжувањето на лиценцата ја потврдува улогата на ЈАНАФ како сигурен партнер и оператор на стратешка енергетска инфраструктура. Ќе продолжиме да работиме одговорно и транспарентно, со фокус на сигурноста на снабдувањето и стабилноста на енергетскиот систем“, соопшти Управата на ЈАНАФ.

НИС е под американски санкциски притисок поради мнозинскиот руски капитал во компанијата, поради што ОФАК во изминатите 18 месеци неколкупати ја продолжуваше специјалната лиценца што овозможува компанијата привремено да продолжи со работењето, додека траат разговорите за промена на сопственичката структура.

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил