НИС поднесе ново барање до САД за продолжување на лиценцата за работа

Нафтената индустрија на Србија (НИС) поднесе ново барање до американското Министерство за финансии за издавање нова специјална лиценца што ќе ѝ овозможи непречено да продолжи со оперативното работење, објави српскиот јавен сервис РТС.

Постојната лиценца, издадена од Канцеларијата за контрола на странски средства (ОФАК) при Министерството за финансии на САД, истекува на 31 јули, поради што компанијата побара нејзино ново продолжување.

Во исто време, на 31 јули истекува и лиценцата што американските власти ѝ ја издадоа на унгарската компанија МОЛ, со која ѝ се дозволува да води преговори со руската „Гаспром њефт“ за евентуално преземање на мнозинскиот руски удел во НИС.

РЕКЛАМА

Според информациите на РТС, сега се очекува одлуката на американското Министерство за финансии дали ќе го одобри новото барање на НИС, што е клучно за продолжување на работењето на компанијата без дополнителни ограничувања.

Судбината на НИС останува тесно поврзана со американските санкции кон рускиот енергетски сектор, бидејќи мнозинскиот удел во компанијата е во сопственост на руските „Гаспром њефт“ и „Гаспром“. Во изминатиот период Вашингтон неколкупати ја продолжуваше лиценцата, со цел да се избегнат нарушувања во снабдувањето со нафтени деривати на српскиот пазар, додека траат разговорите за можно решение на сопственичката структура.

Извор: Rts.rs

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил