Сè почестите и поинтензивни топлотни бранови ја менуваат структурата на потрошувачката на електрична енергија во Европа, каде што растечката употреба на климатизери доведува до поголема побарувачка за струја, повисоки цени на електричната енергија и дополнителен притисок врз електроенергетските системи, покажува анализата на „Еуроњуз“, повикувајќи се на податоци од Меѓународната агенција за енергија (IEA), здружението Eurelectric и националните оператори на електроенергетските мрежи.
Иако климатизацијата сè уште е значително помалку застапена во Европа отколку во САД или Јапонија, нејзината употреба постојано расте како последица на климатските промени. Според Меѓународната агенција за енергија, околу 20% од европските домаќинства имаат климатизери, а во последната деценија нивната распространетост е зголемена за околу 50%. Истовремено, годишната продажба на вакви уреди е за околу 30% поголема отколку пред пет години.
Анализата покажува дека за време на топлотниот бран во втората половина на јуни значително пораснала дневната потрошувачка на електрична енергија во четирите најголеми економии на Европската Унија, Германија, Франција, Италија и Шпанија.
Во Германија дневната потрошувачка се зголемила од 1.267 на 1.396 гигават-часови во периодот од 11 до 25 јуни, додека во Франција пораснала од 1.048 на 1.255 гигават-часови, што претставува раст од речиси 20 проценти. Зголемување е забележано и во Италија и Шпанија, што укажува на директната поврзаност меѓу високите температури и потрошувачката на електрична енергија.
Поголемата побарувачка се одразила и врз цените на електричната енергија на големопродажните пазари. Во текот на најжешките денови од 23 до 24 јуни, цената во Германија надминала 200 евра за мегават-час, во Франција достигнала речиси 160 евра, а во Шпанија надминала 110 евра за мегават-час.
Експертите посочуваат дека растот на цените не бил предизвикан само од зголемената потрошувачка. Во Германија, во периодот на најголемата побарувачка, производството на електрична енергија од ветерни електрани било значително намалено, поради што системот повеќе се потпирал на поскапите гасни и јагленски електрани. Во Франција, пак, државната компанија EDF привремено го намалила производството во дел од нуклеарните електрани бидејќи високите температури на реките го ограничиле користењето вода за ладење на реакторите.
Податоците на Евростат покажуваат дека потрошувачката на енергија за ладење во домаќинствата во Европската Унија речиси се удвоила од 2015 година наваму. Сепак, ладењето и натаму учествува со само околу 0,8% во вкупната финална потрошувачка на енергија во ЕУ, што укажува дека неговото значење ќе продолжи да расте во наредните години.
Според Меѓународната агенција за енергија, електроенергетските системи во Европа засега можат да одговорат на зголемената побарувачка, но ќе бидат неопходни инвестиции во поефикасни системи за климатизација, проширување на производството од обновливи извори, пред сè од сончева енергија, како и во пофлексибилни електроенергетски мрежи и системи за складирање на електрична енергија.
Експертите оценуваат дека со понатамошното затоплување на климата климатизацијата сè повеќе ќе стане прашање на здравје и безбедност, а не само на удобност, што дополнително ќе ја зголеми нејзината улога во европскиот енергетски систем.
Извор: Euronews.com
