Новиот глобален извештај на Меѓународната агенција за обновлива енергија (ИРЕНА) предупредува дека светот нема да ја исполни целта за универзален пристап до енергија до 2030 година без значително поголеми инвестиции, побрза електрификација и посилна поддршка за најсиромашните земји.
Повеќе од 655 милиони луѓе во светот и натаму живеат без пристап до електрична енергија, додека околу две милијарди користат дрва, јаглен, керозин и други загадувачки горива и технологии за готвење, што претставува сериозен ризик за нивното здравје и квалитетот на живот. Најголемиот дел од нив живеат во земјите од Супсахарска Африка, каде повеќе од 560 милиони луѓе немаат електрична енергија, а 970 милиони немаат пристап до чисти горива за готвење.
Ова се наведува во најновото издание на извештајот „Tracking SDG 7: The Energy Progress Report“, кој го подготвија Меѓународната агенција за обновлива енергија, Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), Светската банка, Светската здравствена организација (СЗО), Одделот за економски и социјални прашања на Обединетите нации (UN DESA) и други партнери.
Извештајот, кој ги анализира податоците за 2023 и 2024 година, покажува дека иако 92% од светската популација денес има пристап до електрична енергија, напредокот значително забавува. Во споредба со претходната деценија, годишното темпо на електрификација е преполовено, а за да се обезбеди универзален пристап до 2030 година, светот ќе мора трипати да го забрза напредокот.
Посебна загриженост предизвикува фактот што разликите меѓу урбаните и руралните средини дополнително се продлабочуваат. Во Супсахарска Африка бројот на луѓе во руралните подрачја без електрична енергија се зголемил од 376 милиони во 2010 година на 447 милиони во 2024 година.
Извештајот предупредува дека најголемиот енергетски јаз и понатаму е поврзан со пристапот до чисто готвење. Денес околу една четвртина од светската популација нема пристап до чисти горива и технологии. Додека 89% од градското население користи чисти начини на готвење, во руралните средини тој процент изнесува само 56. Доколку не се преземат дополнителни мерки, дури 1,8 милијарди луѓе и во 2030 година ќе продолжат да користат дрва, јаглен и други загадувачки горива. Загадувањето на воздухот во домовите поради ваквото готвење предизвикува околу три милиони смртни случаи годишно.
Од друга страна, извештајот бележи охрабрувачки резултати во развојот на обновливите извори на енергија. Тие денес обезбедуваат повеќе од 30% од глобалното производство на електрична енергија, а инсталираниот капацитет достигнал рекордни 544 вати по жител. Сепак, нерамномерниот развој останува сериозен проблем, во земјите со ниски приходи капацитетот изнесува само 33,6 вати по жител, наспроти 1.224 вати во земјите со високи приходи.
Напредокот во енергетската ефикасност, исто така, е побавен од потребното. Намалувањето на енергетскиот интензитет паднало од 2,4% во 2022 година на само 1,5% во 2023 година, што е далеку од темпото потребно за исполнување на глобалните климатски и енергетски цели.
Авторите на извештајот предупредуваат дека сериозен проблем претставува и недостигот од финансиска поддршка. Меѓународните јавни финансиски средства за чиста енергија во земјите во развој во 2024 година изнесувале 24,6 милијарди долари, што е само минимално зголемување во однос на претходната година. Истовремено, средствата наменети за најнеразвиените земји се намалиле за 11% и изнесуваат 3,7 милијарди долари.
Генералниот директор на ИРЕНА, Франческо Ла Камера, оценува дека последните глобални енергетски потреси покажале колку е важно земјите да инвестираат во сопствени обновливи извори на енергија.
„Неодамнешните глобални енергетски шокови јасно покажаа дека земјите кои располагаат со силни капацитети за обновлива енергија се многу поотпорни на економски и снабдувачки кризи. Забрзаното инвестирање во домашни обновливи извори мора да стане централен приоритет за зајакнување на енергетската безбедност, економската отпорност и исполнувањето на Целта за одржлив развој 7“, порача Ла Камера.
Извештајот ќе биде претставен на 8 јули на Политичкиот форум на високо ниво за одржлив развој во Њујорк, каде светските лидери ќе го оценуваат напредокот во исполнувањето на Целите за одржлив развој до 2030 година.
Извор: IRENA.org
