Додека светот е фокусиран на брзиот развој на вештачката интелигенција (AI), сѐ повеќе економисти предупредуваат дека нејзиното влијание врз економијата ќе биде споредливо со едно од најголемите глобални преобликувања на нашето време – зелената транзиција.
Во анализа објавена од Project Syndicate, климатскиот економист Гернот Вагнер и истражувачот Адам Мајкл Бауер посочуваат дека револуцијата на вештачката интелегенција и преминот кон чиста енергија имаат изненадувачки многу заеднички точки. И двете трансформации бараат огромни инвестиции денес, со цел да донесат значителни економски и општествени придобивки во иднина.
Според авторите, вештачката интелигенција ветува намалување на трошоците, зголемување на продуктивноста и решавање на сложени проблеми кои досега биле недостижни за човечките капацитети. Од друга страна, зелената транзиција има потенцијал да ги ублажи последиците од климатските промени, да ја намали зависноста од фосилните горива и да создаде поотпорни економии.
Сепак, патот до овие придобивки не е без ризици. Еден од најголемите предизвици е влијанието врз пазарот на трудот. Вештачката интелигенција веќе предизвикува намалување на бројот на работни места во одредени сектори, особено кај почетните позиции во корисничката поддршка и софтверскиот развој. Според податоците наведени во анализата, релативната вработеност во овие области е намалена за 16% во последните три години.
Во исто време, зелената транзиција најсилно ќе ги погоди работниците во традиционалните енергетски индустрии, особено оние поврзани со јагленот, нафтата и гасот. Авторите предупредуваат дека економските промени кои ги чувствуваат работниците често стануваат и политичко прашање, што веќе може да се забележи во повеќе западни земји.
Значајна е и геополитичката димензија на двете трансформации. САД моментално имаат предност во развојот и примената на напредни чипови и AI технологии, додека Кина доминира во производството на соларни панели, ветерни технологии, електрични возила и критични минерали потребни за зелената економија.
Оваа технолошка конкуренција ги поттикнува двете сили да вложуваат милијарди долари во домашни индустрии и да воведуваат политики насочени кон зајакнување на сопствените производствени капацитети. Но, според авторите, обидите за запирање на овие процеси се осудени на неуспех.
Наместо тоа, клучната улога на владите треба да биде насочување на транзициите преку преквалификација на работниците, поддршка на локалните заедници и создавање услови придобивките од новите технологии да бидат пошироко распределени.
Особено важен аспект е можната синергија меѓу двете револуции. Вештачката интелигенција може значително да ја забрза зелената транзиција преку поефикасно управување со енергетските системи, подобрување на производството на обновлива енергија и оптимизација на ресурсите. Но, доколку не се постават соодветни регулативи, огромните потреби за енергија на AI системите би можеле дополнително да придонесат кон зголемување на емисиите на стакленички гасови.
Пораката на авторите е јасна: и AI и зелената транзиција се неизбежни процеси кои веќе ја менуваат светската економија. Прашањето повеќе не е дали тие ќе се случат, туку дали државите ќе успеат навреме да ги управуваат промените за придобивките да бидат поголеми од ризиците.
Извор: Project-syndicate.org
