Глобалната побарувачка за течен природен гас (ЛНГ) се очекува да порасне од околу 600 милијарди кубни метри годишно во 2026 година на 800 милијарди кубни метри до 2031 година, при што САД ќе останат најголем светски извозник, се наведува во новиот извештај на Меѓународниот енергетски форум (IEF).
Најголемиот дел од новите извозни капацитети во следните пет години се очекува да дојде од САД, каде што понудата на ЛНГ ќе расте со една од најбрзите стапки во светот. Катар и Австралија ќе останат меѓу водечките снабдувачи, а по нив следуваат Русија и Малезија.
И покрај зголемувањето на бројот на земји што извезуваат ЛНГ, глобалното снабдување станува сè поконцентрирано. Трите најголеми извозници во 2024 година учествувале со околу 64% од светската понуда, во споредба со околу 60% во 2000 година.
Според IEF, оваа концентрација создава структурна зависност на глобалната безбедност на снабдувањето со ЛНГ од ограничен број земји, чии производствени одлуки, инфраструктурните ограничувања и геополитичката позиција можат значително да влијаат врз светските пазари на природен гас.
Ормуз останува критична точка
Особено значаен ризик за глобалниот пазар е Ормускиот теснец. Низ него минуваат околу 20% од светските количини на ЛНГ, главно од Катар и Обединетите Арапски Емирати.
За разлика од нафтата, за овие количини во моментов не постојат алтернативни поморски или гасоводни рути со кои би можеле да се заменат испораките доколку дојде до прекин на пловидбата низ теснецот.
Анализата на IEF покажува дека во периодот од 2000 до 2025 година извозот на ЛНГ зависен од Ормуз бил поголем од расположливите слободни капацитети за втечнување во светот во девет години. Најголемиот јаз бил регистриран во 2011 година, кога преку Ормус минувале околу 109 милијарди кубни метри ЛНГ, додека слободниот капацитет на друго место изнесувал околу 45 милијарди кубни метри.
IEF предупредува и на други потенцијални „виртуелни тесни грла“ во производството на ЛНГ, поврзани со достапноста на гасот за втечнување, домашната побарувачка, регулативата и комерцијалните услови. Тоа ја зголемува важноста на диверзификацијата на снабдувањето за увозниците.
И покрај ризиците, IEF очекува продолжување на растот на побарувачката за ЛНГ, меѓу другото поттикнато од забрзаното ширење на дигиталната инфраструктура, напредното производство и услугите базирани на вештачка интелигенција.
Побарувачката за електрична енергија од дата-центрите во светот се очекува да порасне за 165% од 2023 до 2030 година, што ќе создаде дополнителна потреба од нови производни капацитети.
Природниот гас во 2024 година учествувал со речиси 23% во глобалната примарна енергетска побарувачка. Според IEF, гасот и ЛНГ ќе продолжат да имаат значајна улога на глобалните енергетски пазари, особено со растот на побарувачката од традиционалните, но и од новите увозници.

Извор: IEF.org
