Секое евро јавни средства инвестирано во ветерната енергија генерира седум евра годишен економски поврат за европската економија до 2040 година, покажува нова студија на консултантската компанија Trinomics, изработена во соработка со DTU Wind.
Истражувањето посочува дека стратешкото насочување на европските фондови кон иновации и индустриско проширување во секторот на ветерната енергија носи значителни економски, индустриски и безбедносни придобивки за Европската Унија.
Студијата предлага формирање на посебен „Фонд за истражување и конкурентност во ветерната енергија“, кој би обезбедил 11,6 милијарди евра поддршка за целокупниот европски синџир на вредност во оваа индустрија. Од нив, околу 9 милијарди евра би биле наменети за зголемување на производствените капацитети, со цел европската индустрија да може да одговори на растечката побарувачка поврзана со енергетската независност на Европа.
Според анализата, ваквото финансирање до 2040 година би донело:
- 33 милијарди евра дополнителна бруто додадена вредност годишно за економијата на ЕУ;
- 180.000 нови работни места низ целиот синџир на производство и снабдување;
- зголемување на извозот на европска опрема за ветерна енергија за 12,6 милијарди евра годишно;
- задржување до 89% од вредноста во Европа, во споредба со 47% без таргетирана поддршка;
- намалување на зависноста од увозен гас за околу 70 милијарди кубни метри годишно, што е еквивалент на околу 700 LNG испораки.
Во извештајот се предупредува дека глобалната конкуренција во секторот на ветерната енергија значително се засилува, особено од Кина, која обезбедува многу поголема државна поддршка за своите производители. Според студијата, кинеските производители на турбини во последните години добивале меѓу два и пет пати повеќе јавна поддршка од европските компании, што им овозможува побрзо проширување и поагресивен настап на светските пазари.
Авторите на студијата оценуваат дека инвестициите во ветерната енергија повеќе не се само енергетска политика, туку клучна индустриска стратегија за Европа. Тие предупредуваат дека недоволното финансирање во следниот буџет на Европската Унија може да доведе до губење на пазарен удел, индустриски капацитети, работни места и контрола врз критичната енергетска инфраструктура.
Пораката од студијата е јасна, Европа мора побрзо, поефикасно и постратешки да ги насочи постојните финансиски механизми кон ветерната индустрија, со цел да ја зајакне сопствената конкурентност, иновации, енергетска безбедност и независност од увозни енергенси.
Извор: Windeurope.org
