Во Србија повеќе од 900.000 корисници имаат паметни броила

Повеќе од 900.000 корисници на електродистрибутивната мрежа во Србија досега добиле паметни броила, со што речиси секое четврто броило во земјата веќе може да се отчита на далечина.

Масовното воведување на паметните броила го спроведува Електродистрибуција Србије (ЕДС) со финансиска поддршка од Европската Унија и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Напредокот на проектот беше претставен за време на посетата на делегации на ЕУ и ЕБОР на Ниш, еден од градовите со најголем опфат со паметни броила.

За почетокот на масовната замена на броилата биле обезбедени 110 милиони евра неповратни средства од ЕУ, а проектот продолжил со поддршка преку кредит од ЕБОР. Во тек се и подготовки за замена на дополнителни 400.000 броила, со финансиска поддршка од Европската инвестициска банка (ЕИБ).

РЕКЛАМА

Вкупно, досега во воведувањето на паметни броила во Србија се вложени околу 200 милиони евра, соопшти в.д. директорката на ЕДС, Билјана Комнениќ.

„Речиси секое четврто броило денес се отчита на далечина. Нашата стратешка одлука е секој нов приклучок да има паметно броило“, изјави Комнениќ.

Според неа, дигитализацијата овозможува ЕДС да има подобар увид во состојбата на мрежата и поефикасно да управува со неа, додека корисниците добиваат можност подобро да ја следат сопствената потрошувачка.

Од ЕДС најавуваат дека наесен ќе биде пуштен во употреба портал преку кој корисниците со паметни броила ќе имаат континуиран увид во потрошувачката на електрична енергија.

Паметните броила дел од енергетската транзиција

Амбасадорот на ЕУ во Србија, Андреас фон Бекерат, оцени дека паметните броила носат директни придобивки за домаќинствата, попрецизни сметки, подобар увид во потрошувачката и поголема контрола врз трошоците за електрична енергија.

Тој посочи дека потребата од ваква инфраструктура ќе расте со ширењето на соларните електрани на покривите, топлинските пумпи, електричните возила и локалните енергетски заедници.

„Енергетскиот систем на Србија влегува во нова фаза во која овие технологии сè повеќе ќе го менуваат начинот на кој електричната енергија се произведува, мери и троши“, изјави фон Бекерат.

Од ЕБОР посочуваат дека модернизацијата на дистрибутивната мрежа е важна за создавање поефикасен, поотпорен и нискојаглероден енергетски систем.

Броилата мерат и на секои 15 минути

Паметните броила се дигитални уреди со меморија и комуникациски модул кој овозможува двонасочна размена на податоци со централниот систем.

Освен далечинското отчитување, тие овозможуваат детален увид во потрошувачката, од месечни податоци до мерења во интервали од 15 минути. Податоците автоматски се евидентираат, а отчитувањата од првиот ден во месецот на полноќ се чуваат 18 месеци.

За домаќинствата тоа значи попрецизно фактурирање и подобра контрола на потрошувачката, додека за ЕДС технологијата овозможува побрзо откривање дефекти, поефикасно управување со мрежата и подобар увид во нејзината состојба.

Паметните броила се важен дел и од подготовката на дистрибутивната мрежа за поголем број потрошувачи-производители, виртуелни електрани, батериски системи за складирање и инфраструктура за полнење електрични возила.

Извор: Euronews.rs

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил