Германските власти истражуваат два одделни инцидента во кои може да има намерно оштетување или нарушување на електроенергетската инфраструктура, откако во Бранденбург бил предизвикан краток спој на високонапонска мрежа, а друг инцидент во Северна Рајна-Вестфалија довел до исклучување на пет јагленови блокови со вкупен капацитет од 4.200 мегавати.
Во Бранденбург, во источна Германија, непознати лица употребиле импровизирани направи со проводен материјал, кои биле истрелани кон високонапонските водови кај трафостаницата Turnow-Preilack.
Во два случаи материјалот предизвикал краток спој, додека повеќе други обиди биле неуспешни. Инцидентот предизвикал краткотраен прекин и автоматско исклучување на еден блок од блиската термоелектрана Jänschwalde, која работи на лигнит.
Сепак, снабдувањето со електрична енергија не било нарушено, а операторот на преносниот систем 50Hertz ги вратил сите водови во функција.
Министерот за внатрешни работи на Бранденбург, Јан Редман, случајот го опиша како саботажа. Според него, не станувало збор за обични пиротехнички средства, туку за специјално изработени направи за кои било потребно значително време и труд.
„Ова не беше детска шега“, изјави Редман, додавајќи дека сторителите се обиделе да постават проводен материјал меѓу високонапонските проводници и на тој начин да предизвикаат кратки споеви.
Во областа биле пронајдени десетици вакви направи, но засега нема информации за идентитетот на сторителите или за нивниот мотив.
Трафостаницата Turnow-Preilack претставува важен високонапонски јазол во регионот и ја поврзува електраната Jänschwalde со преносната мрежа на 50Hertz. Полицијата продолжува со истрагата, при што се проверува дали целта била да се предизвика поширок прекин во снабдувањето.
Исклучени пет јагленови блокови со 4.200 MW
Друг сериозен инцидент се случил во близина на трансформаторската станица на германскиот оператор Amprion во Ромерскирхен, во Северна Рајна-Вестфалија.
По инцидентот, од мрежата биле исклучени пет јагленови блокови на RWE со вкупен капацитет од 4.200 MW. Во моментот на настанот, кој се случил околу 20 часот, погодените електрани испорачувале околу 3.000 MW електрична енергија во мрежата.
Од мрежата биле исклучени блоковите Neurath G и F, како и Niederaußem H, G и K.
RWE соопшти дека блоковите Neurath G и Niederaußem H, со вкупен капацитет од околу 1.600 MW, требало повторно да бидат приклучени во текот на утрото. За блокот Neurath F, со капацитет од 1.000 MW, повторното приклучување се очекува подоцна, додека преостанатите два блока во Niederaußem би требало да бидат ставени во функција до крајот на неделата.
И покрај значителното намалување на достапниот производствен капацитет, снабдувањето со електрична енергија на потрошувачите не било прекинато, соопшти Amprion. Од операторот уверуваат дека стабилноста на електроенергетскиот систем останала обезбедена.
Причината за вториот инцидент сè уште се утврдува. Експерти на Amprion, во соработка со безбедносните служби, истражуваат дали станува збор за технички дефект или за намерно надворешно влијание, кое засега не може да се исклучи.
Двата случаи повторно го отвораат прашањето за заштитата на критичната енергетска инфраструктура во Германија, особено на високонапонските мрежи, трафостаниците и производните капацитети кои се клучни за стабилноста на електроенергетскиот систем.
Извор: DW.com
