ИНТЕРВЈУ. Зоран Ѓорѓиевски: Создадовме модерен пазар на електрична енергија, подготвен за европска интеграција

Во период кога европскиот енергетски сектор поминува низ длабоки трансформации, МЕМО ДООЕЛ Скопје има сѐ позначајна улога во развојот на организираниот пазар на електрична енергија во Македонија и неговата интеграција во единствениот европски пазар. Како национален оператор на пазарот на електрична енергија, компанијата во изминатите години реализираше низа стратешки проекти што придонесоа за поголема транспарентност, конкурентност и усогласување на домашниот пазар со европските правила и стандарди.

На чело на МЕМО е Зоран Ѓорѓиевски, магистер по електротехника и информациски технологии од областа на електроенергетиката и еден од експертите кои повеќе од една деценија активно учествуваат во развојот на пазарот на електрична енергија во земјава. Како проектен менаџер го предводеше процесот на воспоставување на македонската берза за електрична енергија, проект што претставуваше пресвртница во либерализацијата на домашниот пазар и создаде основа за негово регионално и европско поврзување.

Во интервјуто за Енергетика 24, Ѓорѓиевски зборува за најзначајните достигнувања на МЕМО во првата половина од годината, воспоставувањето на Пазарот во тековниот ден (Intraday Market), членството во Асоцијацијата на издавачки тела (AIB), предизвиците што ги носи механизмот CBAM, процесот на спојување на пазарите (market coupling), како и за следните чекори во интеграцијата на македонскиот пазар на електрична енергија во единствениот европски енергетски пазар.

РЕКЛАМА

1. Како би ги сумирале клучните достигнувања на МЕМО во првите шест месеци од годината?

Зоран Ѓорѓиевски: Иако станува збор за внимателно испланиран и континуиран процес, во првите шест месеци од годината МЕМО постигна значајни резултати во насока на модернизација и унапредување на електроенергетскиот пазар.

Особено би го издвоил стартот на Пазарот во тековниот ден (Intraday Market), како и полноправното членство во Асоцијацијата на издавачки тела (AIB), со што Македонија се приближува кон европскиот систем за гаранции за потекло на електрична енергија.

Дополнително, бележиме континуиран раст на обемот на тргување, бројот на активни компании и издавањето гаранции за потекло, што ја потврдува довербата во системот.

2. Што значи воведувањето на Intraday Market за пазарот на електрична енергија?

Зоран Ѓорѓиевски: По подготвителните фази и фазата на имплементација, кои се одвиваа во текот на 2025 и првата половина од 2026 година, на 6 мај годинава официјално започна со работа Пазарот во тековниот ден (Intraday Market). Настанот се одржа во присуство на претседателот на Владата, министерката за енергетика, претставници на институциите и меѓународните партнери.

Пазарот во тековниот ден претставува нов сегмент кој овозможува тргување со електрична енергија во текот на денот на испорака, и тоа до еден час пред физичката испорака. Со тоа се зголемува флексибилноста на системот, се подобрува ефикасноста и се намалуваат ризиците од пазарни отстапувања и трошоците за дебаланс.

Со ова го заокруживме воспоставувањето на организираниот пазар на електрична енергија во Македонија, кој денес е идентичен со берзите на електрична енергија во Европската Унија и целосно е усогласен со европските пазарни практики.

Исто како и кај Пазарот „ден однапред“, имплементацијата на решение кое веќе успешно се применува во Европската Унија ни овозможи да изградиме доверлив и модерен пазар на електрична енергија, кој функционира без импровизации и според истите принципи како внатрешниот европски пазар.

ФОТО / МЕМО

3. Како го прифатија учесниците воведувањето на Intraday пазарот?

Зоран Ѓорѓиевски: Првичните реакции се позитивни, а потврда за тоа е што веќе имаме 21 активен учесник, што е јасен сигнал дека пазарот е прифатен и има потенцијал за понатамошен раст.

Компаниите што тргуваат ја препознаваат вредноста на поголемата флексибилност и можноста за оптимизација на своите позиции, а резултатите покажуваат дека новиот механизам ги надмина почетните очекувања.

Очекуваме во наредниот период растот на овој пазарен сегмент да продолжи и да го достигне својот максимален потенцијал.

4. Колку е важен Пазарот „ден однапред“ за стабилноста на системот?

Зоран Ѓорѓиевски: Пазарот „ден однапред“, кој стартуваше на 10 мај 2023 година, претставува клучен столб на организираниот пазар. Тој обезбедува ценовен сигнал што им овозможува на учесниците навремено да ги планираат своите позиции, а на стопанството попрецизно да ги планира трошоците за електрична енергија, што придонесува за поголема предвидливост, ефикасност и стабилност на системот.

Во моментов околу 40 компании активно тргуваат на домашната берза, а воведувањето на Пазарот во тековниот ден дополнително го надополни овој сегмент.

Во изминатите две години бележиме континуирано зголемување на обемот на тргување на Пазарот „ден однапред“, и тоа во 2025 година за 40% во однос на 2024 година, додека во првата половина од 2026 година бележиме раст од 23% во однос на истиот период минатата година.

Овој раст е јасен показател за довербата на учесниците на пазарот и претставува потврда за транспарентноста, доверливоста и високите професионални стандарди што се составен дел од секојдневното работење на тимот на МЕМО.

5. Какво е влијанието на CBAM врз пазарот на електрична енергија?

Зоран Ѓорѓиевски: CBAM носи сериозни предизвици за електроенергетскиот сектор. Иако од една страна го поддржува процесот на декарбонизација, од друга страна може да создаде бариери што ја ограничуваат ликвидноста и регионалната интеграција.

Клучно е да се каже дека механизмот се применува за сите т.н. трети земји кои не се членки на Европската Унија и не е специфичен само за нашата држава. За жал, создава парадокс со кој најмногу е погодена токму електричната енергија произведена од обновливи извори на енергија и придонесува за своевидно „заробување“ на зелената енергија во национални рамки, наместо да го поттикне нејзиното слободно движење.

Од друга страна, ветуваат најавите дека интензивната енергетската дипломатија која државата во изминатиот период ја спроведуваше преку Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, МЕМО, МЕПСО и останатите засегнати страни, вродува со плод и сме во очекување на соодветни измена на регулативата во Европската Унија кои ќе овозможат надминување на поставените пречки.

Потребен е пристап кој ќе овозможи интеграција, а не изолација на пазарите, бидејќи само така може да се обезбеди фер и ефикасна енергетска транзиција.

6. Што значи членството на МЕМО во AIB?

Зоран Ѓорѓиевски: Членството во AIB претставува значаен чекор кон европската интеграција. Со тоа Македонија станува дел од европскиот систем за гаранции за потекло на електрична енергија.

Ова ја зголемува транспарентноста и довербата во зелената енергија и отвора нови можности за пазарните учесници.

Од април 2025 година досега се издадени над 500.000 гаранции за потекло, што е силен показател за растот на системот и за енергетската транзиција.

Наредните чекори што ни претстојат се приклучување кон AIB Hub, но и остварување на крајната цел – признавање на гаранциите за потекло издадени во земјите членки на Енергетската заедница од страна на Европската Унија. Станува збор за процес во кој директно се вклучени Секретаријатот на Енергетската заедница и надлежните министерства на земјите членки.

ФОТО / МЕМО

7. Во која фаза е пазарната интеграција и што значи market coupling?

Зоран Ѓорѓиевски: Македонија направи значаен исчекор во процесот на интеграција со единствениот европски пазар на електрична енергија. Неодамна државата официјално го извести Секретаријатот на Енергетската заедница дека е завршено усогласувањето на националното законодавство со Пакетот за енергетска интеграција, со што се отвори патот за следната, исклучително важна фаза – верификацијата.

Во оваа фаза, Секретаријатот на Енергетската заедница и Европската комисија ќе проверат дали законската рамка е целосно усогласена со законодавството на Европската Унија и дали се исполнети сите предуслови за понатамошна интеграција на нашиот пазар со европскиот.

Спојувањето на пазарите (market coupling) претставува механизам преку кој националните пазари се поврзуваат во единствен регионален и европски пазар.

Тоа овозможува прекуграничниот преносен капацитет да се распределува автоматски, а електричната енергија да се тргува таму каде што е најпотребна и економски најефикасна. Резултатот е поголема ликвидност на пазарот, поефикасно формирање на цените, подобра конкуренција, поголема сигурност во снабдувањето и поефикасна интеграција на обновливите извори на енергија.

Особено е значајно што нашата земја е четвртата договорна страна на Енергетската заедница што влегува во процесот на верификација, по Србија, Црна Гора и Молдавија. Тоа претставува признание дека државата, преку координираните активности на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, МЕМО, МЕПСО и останатите релевантни институции, успешно ги реализира неопходните реформи за интеграција во европскиот електроенергетски пазар.

Како национален оператор на пазарот на електрична енергија, МЕМО активно работи на исполнување на сите технички, организациски и оперативни предуслови за успешно спојување на пазарите (market coupling). Нашата цел е македонскиот пазар да стане рамноправен дел од единствениот европски пазар, што ќе донесе поголема ефикасност, поголема конкурентност и нови можности за сите учесници на пазарот.

Паралелно, МЕМО активно учествува во IBWT (Italian Border Working Table) со цел побрза имплементација на процесот на market coupling.

Едноставно кажано, ниту еден национален пазар не може да функционира изолирано. Само интегриран пазар овозможува стабилна, конкурентна и одржлива енергетска транзиција.

8. Колку е важна институционалната соработка за реализација на плановите?

Зоран Ѓорѓиевски: Соработката со Владата, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, МЕПСО, Регулаторната комисија за енергетика и останатите институции е клучна за развојот на пазарот. Само преку координирани активности можеме успешно да ги реализираме реформите и да обезбедиме стабилен, транспарентен и конкурентен пазар на електрична енергија.

9. Кои се следните приоритети на МЕМО?

Зоран Ѓорѓиевски: Приоритетите се понатамошен развој на пазарните механизми, спроведување на процесот на market coupling, зголемување на ликвидноста на организираниот пазар и продлабочување на интеграцијата кон европскиот пазар на електрична енергија.

Од пазарните механизми особено би сакал да го издвојам воведувањето на т.н. негативни цени на Пазарот „ден однапред“ и на Пазарот во тековниот ден.

По темелна анализа, во која покрај стручниот тим на МЕМО беа вклучени и Министерството за енергетика, МЕПСО и останатите клучни институции, МЕМО започнува со имплементација на оваа новина на нашиот пазар.

Потребата од воведување негативни цени пред сè е предизвикана од реалните состојби на енергетскиот пазар, каде што во одредени периоди се јавува суфицит на електрична енергија кој има потенцијал да предизвика нестабилност во електроенергетскиот систем, но и високи трошоци за дебаланс кај учесниците на пазарот.

Практично, постоењето на негативни цени значи дека во периодите кога постои ваков суфицит и нема можност за негово соодветно искористување, производителот би имал можност да плати за услугата на преземање на тие вишоци.

Очекуваме имплементацијата да биде завршена до крајот на третиот квартал од оваа година.

МЕМО продолжува со јасна визија за модерен, транспарентен и конкурентен електроенергетски пазар.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил