Ватикан планира изградба на агриволтаична електроцентрала вредна околу 100 милиони евра, која треба да обезбеди доволно електрична енергија за целосно покривање на потребите на Светата Столица, објави Ројтерс, повикувајќи се на извори запознаени со проектот.
Планираната централа во близина на Рим ќе има инсталирана моќност од околу 80 до 90 мегавати, со што би била меѓу најголемите агриволтаични постројки во Италија.
Проектот ќе се реализира на имот во сопственост на Ватикан во Санта Марија ди Галерија, на северозападниот дел од Рим, каде што од 1950-тите се наоѓаат предавателите на Ватиканското радио.
Агриволтаичниот систем ќе комбинира производство на електрична енергија од сонце со земјоделско производство. Соларните панели ќе бидат поставени на неколку метри над земјата, овозможувајќи под нив да продолжи одгледувањето земјоделски култури.
Поставувањето на панелите над земјоделските површини истовремено обезбедува сенка, што може да го намали испарувањето на водата и да ги заштити растенијата од екстремни временски услови.
Целосна енергетска самостојност
Главната цел на проектот е Ватикан да стане енергетски самодоволен во однос на електричната енергија.
Произведената струја првенствено ќе ги снабдува објектите на Ватиканското радио, а вишокот електрична енергија ќе може да биде предаден на италијанскиот електроенергетски систем.
Според извори запознаени со проектот, електричната енергија би можела да се користи и за објекти поврзани со Светата Столица во Рим, меѓу кои и детската болница „Бамбино Џезу“.
Соларните панели би покривале околу 200 хектари, односно речиси половина од вкупната површина на имотот во Санта Марија ди Галерија, кој има околу 450 хектари.
Проектот би требало да биде реализиран за 18 до 24 месеци, вклучително со потребните дозволи и административни постапки. Тендерите за изведување на работите се очекува да бидат објавени во наредните недели.
Проект започнат под папата Франциск
Проектот бил меѓу приоритетите на покојниот папа Франциск, кој во своето понтификатство силно се залагаше за климатска акција и намалување на зависноста од фосилни горива.
Иницијативата ја поддржува и актуелниот папа Лав XIV.
Италија и Ватикан годинава го ратификуваа договорот за развој на локацијата во Санта Марија ди Галерија. Со договорот за агриволтаичниот проект е проширен и посебниот статус што го имаат објектите на Ватиканското радио, вклучително и ослободувањето од одредени даноци и јавни давачки.
Во договорот е наведено дека неговото спроведување не треба да создаде дополнителен товар врз јавните финансии на Италија.
Ватикан веќе има искуство со соларната енергија. Во 2008 година, за време на папата Бенедикт XVI, германските компании SolarWorld и SMA Solar Technology донираа 2.400 фотоволтаични панели и опрема, кои беа поставени на покривот на салата „Нерви“, каде што се одржуваат папските аудиенции и концерти.
Новиот проект, меѓутоа, би бил значително поголем и би претставувал чекор кон целосна енергетска самостојност на Ватикан, со комбинирање на соларното производство, земјоделството и користењето на обновливи извори на енергија.
Извор: Ројтерс
