Високата зависност од гас ја поскапува струјата во Грција

Атина. 16 декември 2025 — И покрај зголеменото производство од обновливи извори, Грција и понатаму е меѓу најскапите земји во Европа на пазарот на големо за електрична енергија. Причините се високата зависност од природен гас и недоволно развиените капацитети за складирање енергија, покажува анализа на еколошкиот тинк-тенк „Грин тенк“.

Обновливите извори ја намалуваат цената на струјата во пладневните часови, кога производството е највисоко. Ноќе, кога нивниот удел опаѓа и расте употребата на природен гас, цените значително се зголемуваат. Разликата меѓу просечната минимална и максималната дневна цена се зголемила од 128 евра за мегават-час во 2024 година на 143,4 евра/MWh во 2025 година.

Според „Грин тенк“, проширувањето на јазот е резултат на истовремениот раст на производството од обновливи извори и од природен гас. Во првите месеци од 2025 година, производството од обновливи извори пораснало за 5,5% во однос на истиот период лани, додека производството од природен гас се зголемило за 12,6%, при што дел од таа енергија бил извезен.

РЕКЛАМА

Иако обновливите извори ги намалуваат цените, нивниот ефект е послаб од влијанието на природниот гас врз поскапувањето, се наведува во анализата „Што ги предизвикува високите цени на електричната енергија?“. Ова прашање неодамна го разгледува и Комисијата за конкуренција, по наодите на европскиот регулатор ACER за можни индикации за манипулации на пазарот.

Анализата се темели на податоци во реално време од Европската мрежа на оператори на преносни системи за електрична енергија (ENTSO-E) и ја споредува Грција со Португалија -земја со слични карактеристики, но со постојано пониски цени на дневниот пазар. До почетокот на војната во Украина, цените во двете земји биле слични. Потоа, Грција во просек била за 36% поскапа, а во април 2024 година разликата достигнала 78%.

Големи разлики се забележуваат и кај ценовните флуктуации: од 2023 година наваму, месечниот распон меѓу највисоката и најниската цена во Грција бил повеќекратно поголем отколку во Португалија.

Извор: TheGreenTank.gr

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба