Американската компанија Unigrid го претстави Na+Casa, својот прв систем за домашно складирање електрична енергија базиран на натриум-јонска технологија. Компанијата веќе ги реализираше првите инсталации во европски домаќинства, а лансирањето на американскиот пазар е планирано до крајот на 2026 година.
Новиот систем користи батериски ќелии со сопствена технологија на катода од натриум-хром оксид (NaCrO₂), за која Unigrid тврди дека нуди значително подолг работен век и повисоко ниво на безбедност во споредба со конвенционалните литиум-јонски батерии. Според компанијата, батеријата може да издржи 10.000 целосни циклуси на полнење и празнење при 100% искористување на капацитетот, што одговара на повеќе од 27 години секојдневна употреба.
Дополнителна предност е широкиот температурен опсег на работа. Батеријата може да се полни на температури од -20°C до 60°C, а да работи при празнење во опсег од -40°C до 60°C, што овозможува сигурно функционирање и во екстремни климатски услови.
Од компанијата истакнуваат дека Na+Casa е развиена како побезбедна алтернатива на литиум-јонските системи, со елиминиран ризик од термичко бегство и пожар. Во услови на растечки цени на електричната енергија и зачестени топлотни бранови, ваквите решенија стануваат сè поатрактивни за домаќинствата кои сакаат да ја зголемат енергетската независност.
Системот располага со 9,25 kWh искористлив капацитет, номинален напон од 46,4 V и е дизајниран за ѕидна монтажа или поставување на тркала. Тежи околу 109 килограми, а производителот наведува дека е компатибилен со повеќето постојни хибридни инвертери, што го прави погоден за надградба на веќе инсталирани фотоволтаични системи.
Во моментов батеријата поседува UN 38.3 сертификат за транспорт, додека во тек е процесот за добивање на европската CE ознака, како и американските сертификати UL 9540 и UL 1973, неопходни за поширока комерцијална примена.
Na+Casa е дел од новиот бран натриум-јонски системи за складирање енергија кои се појавуваат на светскиот пазар. Оваа технологија привлекува сè поголемо внимание бидејќи натриумот е значително подостапен и поевтин од литиумот, што може да придонесе за намалување на цената на батериските системи и за поголема одржливост на синџирите на снабдување.
Unigrid најавува дека во текот на 2026 година планира да достигне годишен производствен капацитет од 1 GWh батериски ќелии, а паралелно ќе развива и модели за изнајмување и долгорочно користење на батериските системи, со цел да ги намали почетните трошоци за корисниците.
Извор: Pv-magazine.com
