Унгарија постави нов рекорд во летната потрошувачка на електрична енергија, откако електроенергетскиот систем во петокот достигна највисока побарувачка досега за овој период од годината, соопшти операторот на преносниот систем МАВИР (Mavir).
Во 15-минутен интервал, околу 19:15 часот, вкупното оптоварување на системот достигнало 6.788 мегавати, надминувајќи го минатогодишниот летен рекорд од 6.766 мегавати, поставен на истиот датум.
Рекордната потрошувачка е последица на силниот топлотен бран што ја зафати земјата, при што просечната дневна температура изнесувала 29,1 Целзиусов степен.
Во пресрет на очекуваниот пораст на потрошувачката, министерот за економија и енергетика Иштван Капитањ ги повика граѓаните рационално да ја користат електричната енергија. Тој препорача климатизерите да не се користат во периодот од 18 до 21 часот, а полнењето на електронските уреди и електричните автомобили да се одложи надвор од часовите со најголемо оптоварување.
И покрај новиот летен рекорд, потрошувачката останува под апсолутниот максимум од 7.036 мегавати, регистриран на 16 јули 2024 година. Највисокото оптоварување во историјата на унгарскиот електроенергетски систем, сепак, е забележано оваа година, на 13 јануари, кога побарувачката достигна 8.182 мегавати, што потврдува дека зимските месеци и понатаму носат најголем товар за мрежата.
Според унгарската метеоролошка служба HungaroMet, топлотниот бран ќе продолжи и во наредните денови. Во Будимпешта денеска напладне температурата се искачи на околу 41 степен Целзиусов, а за 30 јуни се прогнозираат уште повисоки температури, кои би можеле да ги урнат досегашните рекорди и дополнително да го зголемат притисокот врз електроенергетскиот систем.
Извор: Ceenergynews.com
