Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Уникредит ќе мобилизираат до 1,6 милијарди евра инвестиции за поддршка на европската ветерна индустрија, со посебен фокус на производството и снабдувачките синџири за развој на ветерни електрани на море.
Договорот предвидува ЕИБ да обезбеди контрагаранција од 100 милиони евра за банкарските гаранции што ќе ги издава Уникредит. Со тоа банката ќе може да формира портфолио на гаранции до 200 милиони евра, наменети за поддршка на добавувачите и потребите за приклучување на мрежата на новите ветерни проекти во Европската Унија.
Гаранциите ќе опфаќаат гаранции за добро извршување на работите и гаранции за авансни плаќања. Овие инструменти им овозможуваат на производителите да обезбедат авансни средства и да гарантираат дека договорните обврски кон инвеститорите и развивачите на проектите ќе бидат исполнети. Според проценките на ЕИБ, договорот би можел да поттикне инвестиции до 1,6 милијарди евра во реалната економија.
Прва компанија што ќе ја користи оваа финансиска шема е италијанската бродоградителска групација Финкантиери. Поддршката ќе биде наменета за проекти поврзани со изградба на специјализирани бродови за потребите на ветерната енергетика на море, кои ги произведува нејзината подружница ВАРД.
Договорот е дел од поширокиот паневропски пакет на ЕИБ за ветерна енергија, вреден 6,5 милијарди евра, чија цел е да се забрза изградбата на нови капацитети, да се зајакне европската индустриска база и да се подобри пристапот на компаниите до финансирање. Досега во рамките на програмата се потпишани финансиски договори во вредност од околу пет милијарди евра со европски комерцијални банки.
Според ЕИБ, на Европската Унија до 2030 година ќе ѝ бидат потребни дополнителни 117 гигавати ветерни капацитети за да ја оствари целта најмалку 45% од енергијата да ја добива од обновливи извори. Пакетот е осмислен да поддржи околу 32 гигавати од потребниот нов капацитет.
Потпретседателката на ЕИБ, Џелсомина Виљоти, оцени дека енергетската транзиција на Европа бара силна индустриска база и непречен пристап до финансирање во целиот синџир на снабдување со чисти технологии.
„Енергетската транзиција на Европа бара силна индустриска база и непречен пристап до финансирање во целиот синџир на вредност на чистите технологии. Затоа соработката со банкарскиот сектор е од суштинско значење: само со комбинирање на јавните и приватните ресурси можеме да ги мобилизираме инвестициите потребни за остварување на климатските цели на Европската Унија“, изјави Виљоти.
Таа додаде дека поддршката преку програмата „ИнвестЕУ“ и партнерството со Уникредит ќе придонесат за зајакнување на европската ветерна индустрија, забрзување на изградбата на капацитети за обновлива енергија и подобрување на конкурентноста на европската економија.
Од Уникредит, Ричард Бартон, раководител за решенија за клиенти, посочи дека поддршката на компаниите во енергетската транзиција е еден од приоритетите на банката, вклучително и преку инвестиции што ги зајакнуваат синџирите на снабдување со опрема за обновливи извори.
„Нашата нова соработка со ЕИБ претставува уште еден важен чекор во исполнувањето на таа определба. Со проширувањето на пристапот до решенија за трговско финансирање во ветерниот сектор, им помагаме на повеќе компании да инвестираат во производството на обновлива енергија и да придонесат за забрзување на енергетската транзиција во Европа“, изјави Бартон.
Новата соработка треба да им го олесни пристапот до банкарски гаранции на производителите на ветерни турбини, компоненти и придружна инфраструктура. Со преземање дел од ризикот преку контрагаранцијата, ЕИБ и Уникредит очекуваат компаниите полесно да ги финансираат проширувањето на производството и исполнувањето на зголемената побарувачка за опрема за обновливи извори.
Финансирањето е поддржано преку програмата „ИнвестЕУ“ (InvestEU), инвестициска програма на Европската Унија што ја спроведува групацијата на ЕИБ и чија цел е преку јавни гаранции да поттикне дополнителни приватни и јавни инвестиции.
Извор: EIB.org
