EIA: Потрошувачката на струја во САД ќе расте поради експанзијата на AI технологијата

Американската потрошувачка на електрична енергија ќе достигне нови рекордни нивоа во 2026 и 2027 година, поттикната од експанзијата на вештачката интелигенција, дата-центрите и зголемената електрификација на домовите и бизнисите, соопшти американската Администрација за енергетски информации (EIA).

Според најновиот краткорочен енергетски извештај на агенцијата, потрошувачката на електрична енергија во САД ќе порасне од рекордните 4.195 милијарди киловат-часови во 2025 година на 4.248 милијарди во 2026, а потоа на 4.379 милијарди киловат-часови во 2027 година.

Главен двигател на растот се дата-центрите што се користат за развој на вештачка интелигенција и криптовалути, но и сè поголемото користење на електрична енергија наместо фосилни горива за греење и транспорт.

РЕКЛАМА

EIA наведува дека најголем раст на побарувачката доаѓа од комерцијалниот сектор, кој во 2027 година првпат во историјата ќе ја надмине потрошувачката на домаќинствата. Се очекува продажбата на струја во 2026 година да достигне 1.527 милијарди киловат-часови кај комерцијалните корисници, во споредба со 1.524 милијарди кај домаќинствата.

Во меѓувреме, цените на електричната енергија за домаќинствата се очекува да пораснат за околу 5% во 2026 година, а растот да продолжи и во 2027, но со побавно темпо. Најголеми поскапувања се предвидуваат во регионите долж источниот брег на САД.

Извештајот покажува и постепена промена во структурата на производството на електрична енергија. Учеството на обновливите извори ќе се зголеми од околу 24% во 2025 година на 27% во 2027 година. Во исто време, уделот на јагленот ќе продолжи да опаѓа, додека природниот гас ќе остане доминантен енергенс со околу 40% учество во производството.

Нуклеарната енергија, според прогнозите, ќе задржи стабилно учество од 18% во наредните три години.

Американските енергетски власти предупредуваат дека растечката побарувачка, особено од технолошкиот сектор, ќе претставува сериозен предизвик за електроенергетската инфраструктура и за стабилноста на цените во следните години.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил