МЕМО ја закажа првата аукција за Гаранции за потекло на електрична енергија за 28 октомври

Националниот оператор на пазарот на електрична енергија МЕМО на 28 октомври ќе ја одржи првата аукција за Гаранции за потекло на електрична енергија, со што се отвора нова фаза во развојот на пазарот за валоризација на електричната енергија произведена од обновливи извори.

Аукцијата, наречена „MEMO FiT – Wind“, е закажана за среда, со почеток во 12 часот, соопшти МЕМО.

Гаранциите за потекло се електронски документи со кои се потврдува дека одредено количество електрична енергија е произведено од конкретен извор, на пример ветер, сонце или хидроенергија. Тие им овозможуваат на снабдувачите и на компаниите да докажат дека дел од електричната енергија што ја набавуваат или ја пријавуваат како зелена потекнува од обновливи извори. Гаранциите за потекло се одделни од самата електрична енергија, па затоа нивната продажба овозможува дополнителна пазарна вредност за производителите, покрај приходите од продажбата на произведената струја.

РЕКЛАМА

Од МЕМО наведуваат дека со аукцијата се прави чекор кон воспоставување транспарентен и функционален пазар на Гаранции за потекло, кој ќе овозможи пазарно формирање на нивната вредност и дополнителна валоризација на електричната енергија од обновливи извори.

Со организирањето на првата аукција, МЕМО продолжува со активностите за развој на пазарот на зелена енергија и усогласување со европските практики.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил