Словенија и Србија со нови субвенции за електрични возила

Министерството за животна средина, клима и енергија на Словенија распиша јавен повик вреден пет милиони евра за субвенционирање на набавка на електрични возила за компании и други правни лица. Максималната поддршка по возило изнесува до 7.200 евра.

Мерката опфаќа кофинансирање на нови и користени електрични патнички и лесни комерцијални возила, како и електрични мопеди, мотоцикли и лесни четирицикли. Највисоката субвенција е предвидена за нови патнички возила со вредност до 35.000 евра, додека за поскапите модели износот се намалува. За користени електрични возила поддршката достигнува до 3.000 евра, а тие не смеат да бидат постари од три години.

Право на аплицирање имаат возила регистрирани во Словенија од 1 јуни 2025 година. Една компанија може да поднесе барање за најмногу 15 возила, со посебна апликација за секое. Пријавувањето започнува на 18 март 2026 година преку онлајн платформата на Borzen. Средствата се обезбедени преку Европскиот механизам за закрепнување од пандемијата.

РЕКЛАМА

Во меѓувреме, Владата на Србија ги утврди условите за нови субвенции за купување електрични возила, со што граѓаните седма година по ред ќе можат да добијат државна поддршка. Пријавувањето започнува на 1 март и ќе трае до 30 септември 2026 година, а апликациите ќе се поднесуваат исклучиво електронски преку порталот еУправа.

Со новата уредба, државата ќе субвенционира до 5.000 евра за набавка на нови целосно електрични возила, во зависност од видот, и за физички и за правни лица. За електрични мопеди и мотоцикли се предвидени субвенции од 250 до 500 евра. За оваа намена во буџетот за 2026 година се обезбедени 170 милиони динари (околу 1,45 милиони евра).

Минатата година за субвенции биле издвоени вкупно 450 милиони динари поради зголемениот интерес. Во 2025 година со државна поддршка биле купени речиси 1.000 електрични возила, од кои 207 од физички лица и 773 од компании. Во периодот од 2020 до крајот на 2025 година, со субвенции од околу 1,6 милијарди динари биле набавени повеќе од 3.800 хибридни и електрични возила.

Според глобалните податоци, продажбата на електрични возила во светот лани достигнала 20,7 милиони единици, што претставува раст од 20% во однос на претходната година, а нивниот удел во вкупната продажба на возила изнесува рекордни 25,5%

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Add a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *