Shell со најслаб квартален профит во последните пет години

Британскиот енергетски гигант „Shell“ објави најслаб квартален профит во последните пет години, како резултат на притисокот на пониските цени на нафтата, слабите резултати во хемискиот сектор и неповолните даночни корекции во завршниот квартал од 2025 година.

Компанијата со седиште во Лондон пријави приспособена добивка од 3,26 милијарди долари за четвртиот квартал, што е под очекувањата на аналитичарите од околу 3,5 милијарди долари. Ова е најслаб квартален резултат на Shell од почетокот на 2021 година.

На годишно ниво, приспособената добивка за 2025 година изнесува 18,5 милијарди долари, што е значително намалување во споредба со 23,72 милијарди долари остварени една година претходно.

РЕКЛАМА

Извршниот директор Ваел Саван изјави дека, и покрај финансискиот пад, компанијата имала „многу силен оперативен квартал“. Според него, негативното влијание дошло главно од даночните корекции и слабата побарувачка во хемискиот бизнис, додека сегментите за интегриран гас, истражување и производство, како и маркетингот, покажале стабилни резултати.

И покрај послабата добивка, Shell останува доследен на политиката на враќање капитал кон акционерите. Компанијата најави зголемување на дивидендата за 4%, на 0,372 долари по акција, како и продолжување на кварталниот откуп на акции во износ од 3,5 милијарди долари, што е17-ти последователен квартал со откуп од најмалку 3 милијарди долари.

Нето-долгот на крајот од 2025 година достигна 45,7 милијарди долари, а задолженоста порасна на 20,7%, што укажува на зголемен финансиски притисок во споредба со претходниот квартал.

Акциите на Shell котирани на Лондонската берза забележаа пад од околу 1,4% по објавата на резултатите, иако од почетокот на годината сè уште се во умерен плус.

Резултатите на Shell доаѓаат во чувствителен период за европските енергетски компании, кои се соочуваат со пониски цени на нафтата и ризик од намалување на исплатите кон акционерите. Норвешки „Еквинор“ веќе најави значително кратење на откупот на акции по остар пад на кварталната добивка.

Аналитичарите оценуваат дека Shell засега успева да ја одржи довербата на инвеститорите, но дека на подолг рок клучно ќе биде зајакнувањето на резервите и подобрувањето на повратот на капиталот, во услови на сè понепредвидлив енергетски пазар.

Извор: CNBC.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил