САД вложуваат 5,25 милијарди долари во електропреносната мрежа во 26 сојузни држави

САД ќе поддржат 31 проект за модернизација и проширување на електропреносната мрежа во 26 сојузни држави, со вкупна вредност од 5,25 милијарди долари, соопшти американското Министерство за енергетика.

Од вкупната инвестиција, 1,9 милијарди долари ќе бидат обезбедени од федералниот буџет, додека преостанатите 3,35 милијарди долари ќе ги обезбедат корисниците на средствата.

Проектите се избрани во рамки на иницијативата SPARK, чија цел е побрзо зголемување на преносниот капацитет преку модернизација на постојната инфраструктура и примена на напредни технологии.

РЕКЛАМА

Според Министерството за енергетика, проектите треба да овозможат подобра сигурност на мрежата и пониски трошоци за електрична енергија за околу 100 милиони Американци.

Предвидено е да бидат заменети или реконструирани повеќе од 1.500 милји, односно околу 2.400 километри, преносни линии со проводници со поголем капацитет. Дополнително, технологии за подобрување на перформансите на електричната мрежа ќе бидат применети на речиси 21.000 милји, односно околу 33.800 километри, преносна инфраструктура.

Министерството проценува дека со овие мерки ќе се ослободат повеќе од 23 гигавати дополнителен капацитет за пренос на електрична енергија.

„Оваа објава ја потврдува посветеноста на администрацијата на Трамп кон политики за зголемување на енергетскиот капацитет, намалување на цените на електричната енергија и зајакнување на мрежата“, изјави американскиот министер за енергетика Крис Рајт.

Проектите ќе вклучуваат и рекондукторирање, замена на постојните проводници со нови со поголем капацитет, без целосно изградба на нови далекуводи. На тој начин, според Министерството, може подобро да се искористат постојните траси и да се намали преоптовареноста на мрежата.

Користењето на постојните коридори би можело да ги намали и трошоците и времето потребно за изградба на нови преносни коридори, чиј развој вообичаено може да трае со години или децении.

Американското Министерство за енергетика очекува проектите дополнително да ја зголемат отпорноста на електроенергетскиот систем на шумски пожари, прекини во снабдувањето и екстремни временски услови.

Преку забрзана модернизација на постојната инфраструктура, Вашингтон настојува побрзо да обезбеди дополнителен преносен капацитет за растечката побарувачка на електрична енергија, наместо да се потпира исклучиво на изградба на целосно нови преносни коридори.

Извор: Energy.gov

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил