Регулаторната комисија за енергетика донесе измени на правилникот за формирање на највисоките малопродажни цени на одделни нафтени деривати и горива за транспорт. Одлуката е донесена на седница одржана на 4 март, врз основа на одредбите од Законот за енергетика.
Со новиот правилник се брише членот 6-а од постојниот документ, додека членот 8 се менува и попрецизно го утврдува начинот на донесување на одлуките за највисоките малопродажни цени на горивата.
Според измените, Регулаторната комисија ќе продолжи да носи одлука за цените на редовна седница што се одржува секој понеделник, освен во случаи кога со правилникот е предвидено поинаку. Одлуката ќе содржи образложение и ќе ги утврдува највисоките малопродажни цени со вклучен данок на додадена вредност.
При пресметката на цените ќе се земаат предвид повеќе елементи, меѓу кои просечната средна дневна берзанска цена на нафтените деривати објавена во „Platts European Marketscan“ за изминатиот седумдневен период, премијата и транспортните трошоци до склад во државата, трошоците за работење преку склад, трговската маржа, транспортот до бензинските станици и крајните потрошувачи, како и акцизите и другите давачки утврдени со закон.
Одлуките на Регулаторната комисија, како и досега, ќе се објавуваат во „Службен весник“ и на официјалната интернет страница на институцијата.
Од Комисијата посочуваат дека измените се направени поради актуелните движења на светските пазари на нафта и нафтени деривати и нивното влијание врз домашниот пазар. Целта е да се обезбеди сигурност во снабдувањето со горива и стабилност на пазарот во услови на зголемени ценовни осцилации.
Воедно, оваа измена се смета за уште една од мерките со кои институциите се обидуваат да го ублажат притисокот од растот на цените на нафтата на светските берзи. Владата веќе најави дека внимателно ја следи состојбата на глобалните енергетски пазари и дека, доколку е потребно, ќе преземе дополнителни фискални и регулаторни чекори со цел да се намали ударот врз економијата и врз стандардот на граѓаните.
Извор: РКЕ
