Пановски: Министерот нема ингеренции за управувањето со ЕСМ и формирањето на цената на струјата

Поранешниот пратеник и еден од членовите на првиот парламентарен состав, како и поранешен член на Управниот одбор на АД МЕПСО, Михаил Пановски, реагираше на денешната прес-конференција на политичката партија Левица, оценувајќи дека дел од критиките упатени кон министерката за енергетика Сања Божиновска се однесуваат на области во кои, како што наведува, таа нема директни ингеренции.

„Не можеш да напаѓаш некого, во случајот министерката Божиновска, кој нема никакви ингеренции за работите за кои го напаѓаш“, наведува Пановски.

Според него, ЕСМ е акционерско друштво во државна сопственост, со сопствени органи на управување и надзор, кои се назначуваат од Владата. Пановски смета дека причините за зголемувањето на долгот на компанијата имаат и објективни и субјективни фактори, за кои, како што вели, е потребна посебна стручна анализа.

РЕКЛАМА

Тој посочува дека министерот не учествува директно во менаџирањето на ЕСМ, а особено не може да влијае врз хидролошките услови и дотекот на вода во акумулациите од кои се произведува електрична енергија.

Пановски се осврнува и на цената на електричната енергија за домаќинствата. Според него, нејзиното формирање е во надлежност на Регулаторната комисија за енергетика, а не на министерот.

„Министерот нема ингеренции околу формирањето на цената на електричната енергија за домаќинствата. Тоа е исклучиво во надлежност на Регулаторната комисија“, наведува Пановски.

ФОТО / Миахаил Пановски ФБ

Во однос на улогата на ЕСМ Продажба и нејзиното присуство на пазарот, Пановски смета дека критиките треба да се разгледуваат во контекст на обврската првенствено да се задоволат потребите на регулираниот снабдувач. Тој ги поврзува ограничените можности за продажба на пазарот и со актуелната хидролошка состојба и состојбата со производството во РЕК Битола.

Пановски во реакцијата наведува и дека ЕВН работи со профит и потсетува дека компанијата била избрана за универзален снабдувач од претходната влада, поставувајќи го прашањето дали и за тоа треба да се бара одговорност од актуелната министерка.

Тој нагласува дека неговата реакција се однесува на денешната прес-конференција на Левица, бидејќи, како што наведува, сè уште не го видел текстот на интерпелацијата против министерката.

„Кога ќе го видам текстот, тогаш ќе се осврнам и на него“, пишува Пановски.

Во завршницата на реакцијата, Пановски ја критикува Левица и вели дека ја смета партијата за „опасна по демократијата во Македонија“. Како човек кој, според сопствените зборови, директно учествувал во градењето на независноста на државата, тој своето јавно обраќање го образложува како лична и општествена должност.

Претходно во текот на денот, Пратеничката група на Левица најави дека ќе иницира интерпелација за работата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, со која ќе го отвори прашањето за управувањето со енергетскиот сектор, минералните суровини и природните богатства, како и за резултатите што Владата ги постигнала во овој ресор во изминатите две години.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил