Цените на нафтата денеска бележат минимални промени, но се движат кон втор последователен неделен пад, под влијание на послабата побарувачка во САД и зголемените залихи, додека блокадата на Иран од страна на САД засега ги намалува стравувањата од нова ескалација на конфликтот на Блискиот Исток.
Цената на суровата нафта „Брент“ утрово се зголеми за 0,26% и достигна 96,04 долари за барел, додека американската сурова нафта ВТИ поевтини за 0,20%, на 88,59 долари за барел.
На неделно ниво, „Брент“ е на пат да забележи пад од 2,3%, по минатонеделното намалување од 16%. Американската нафта WTI бележи неделен пад од околу 2,4%, откако во претходната недела поевтини за 13%.
Аналитичарите оценуваат дека врз цените влијаат послабата побарувачка во САД и зголемувањето на залихите на сурова нафта и нафтени деривати. Според последните податоци, американските залихи се зголемиле во текот на минатата недела, како резултат на пониската побарувачка за рафинирани производи и растот на увозот.
Во меѓувреме, американската блокада на Иран продолжува, што придонесува за намалување на стравувањата од непосредна ескалација. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не е неопходно да се постигне договор со Иран за да заврши војната.
Сепак, ризиците за снабдувањето со нафта остануваат. Ормускиот Теснец, преку кој минува значителен дел од светската трговија со нафта, и натаму е под закана од нарушувања на поморскиот сообраќај.
Иранската војска соопшти дека четири нафтени танкери биле погодени во експлозии. Јеменските Хути, пак, соопштија дека извршиле напади врз пумпна станица на нафтоводот Исток-Запад во Саудиска Арабија, на нафтениот објект во Јанбу и на зграда на „Арамко“ во Ријад.
Аналитичарите предупредуваат дека евентуалните нови напади врз енергетската инфраструктура или нарушувањата на транспортот низ Ормускиот Теснец би можеле повторно да ги засилат цените на нафтата.
Извор: Ројтерс
