Рускиот гасен сектор се соочува со долгорочен пад по загубата на европскиот пазар, додека обидите извозот да се пренасочи кон Азија и да се зголеми производството на течен природен гас (ЛНГ) наидуваат на сериозни комерцијални, технолошки и геополитички пречки, се наведува во анализа објавена од „The Moscow Times“.
Пред почетокот на војната во Украина, „Гаспром“ обезбедуваше околу 40% од увозот на руски гас во Европската Унија преку гасоводи, а годишниот извоз достигнуваше околу 180 милијарди кубни метри. До 2025 година вкупниот руски извоз на гас се намали на 124,7 милијарди кубни метри, додека уделот на Русија во увозот на гас во ЕУ падна на само шест проценти.
Според анализата, изгубениот европски пазар не може лесно да се надомести. Гасоводот „Силата на Сибир“ достигна годишен капацитет од 38 милијарди кубни метри, но тоа е далеку под поранешниот обем на испораките кон Европа. Воедно, проектот „Силата на Сибир 2“, кој Москва го претставуваше како клучен за пренасочување на извозот кон Кина, останува без конечен комерцијален договор бидејќи Пекинг инсистира на значително пониски цени.
Дополнителен предизвик претставува и секторот за течен природен гас. Иако Европската Унија во 2025 и почетокот на 2026 година купуваше речиси половина од рускиот ЛНГ, новите мерки во рамки на програмата REPowerEU предвидуваат постепено укинување на увозот. Од 1 јануари 2027 година ќе биде забранет увозот на руски ЛНГ по долгорочни договори, како и неговиот претовар преку европските пристаништа.
Во анализата се наведува дека руската ЛНГ индустрија дополнително е погодена од недостиг на западна технологија, специјализирана опрема и танкери за транспорт од арктичките терминали. Поради санкциите, компанијата „Новатек“ веќе ги одложи проектите „Arctic LNG 2“ и „Murmansk LNG“, што ја доведува во прашање целта Русија до 2030 година да обезбедува 20 проценти од светскиот пазар на течен природен гас.
Авторот предупредува дека логистичките проблеми се продлабочуваат бидејќи Западот воведува санкции и кон таканаречената „сенка флота“ на танкери што Русија ја користи за транспорт на ЛНГ, додека Европската Унија разгледува дополнителни ограничувања за продажба на нови ЛНГ бродови на Москва.
Во анализата се посочува и дека украинските напади врз руската енергетска инфраструктура отвораат дополнителен ризик за извозот преку гасоводите „Турски тек“ и „Син тек“. Доколку овие капацитети бидат сериозно оштетени, Русија би можела целосно да го изгуби преостанатиот извоз на гас кон Европа преку Црното Море.
Според оценките, руската гасна индустрија постепено ја губи позицијата на глобална енергетска сила и сè повеќе станува зависна од кинескиот пазар, каде гасот се продава по пониски цени и под услови што ги диктира Пекинг. Истовремено, намалениот пристап до западна технологија и пазари дополнително ги ограничува можностите за закрепнување на секторот.

Извор: TheMoscowTimes.com
