Истражувачи од Технолошкиот институт во Масачусетс (MIT – Massachusetts Institute of Technology), еден од водечките светски универзитети за инженерство, технологија и енергетски истражувања, развија нова методологија која покажува дека изборот на локација за изградба на идните обновливи извори на енергија ќе биде подеднакво важен како и нивниот капацитет.
Студијата, објавена во научното списание Nature Energy, предупредува дека климатските промени значително ќе влијаат врз сигурноста на снабдувањето со електрична енергија, но и дека овие ризици можат во голема мера да се намалат доколку идните инвестиции се планираат врз основа на климатските услови што се очекуваат во следните децении, наместо според историските податоци.
Истражувачите комбинирале детални климатски модели со симулации на електроенергетските системи, земајќи ги предвид производството од ветерни и соларни електрани, складирањето на енергија, преносната мрежа, побарувачката за електрична енергија и можните дефекти предизвикани од екстремни временски услови.
Анализата е направена за два различни пазари, Њу Ингланд и Тексас, кои имаат различни климатски услови и различна структура на електроенергетскиот систем. Резултатите покажуваат дека ако новите капацитети продолжат да се планираат според денешните климатски услови, до 2050 година недостигот на електрична енергија може да се зголеми и до петпати, што значително го зголемува ризикот од прекини во снабдувањето.
Од друга страна, кога во моделите се вклучени проекциите за идната клима, отпорноста на системот значително се подобрува, а дополнителните трошоци за такво планирање се минимални.
„Доколку паметно ги дизајнираме плановите за декарбонизација на електроенергетскиот систем, можеме истовремено да се приспособиме на климатските промени без значително зголемување на трошоците“, изјави професорот Мајкл Хауланд, еден од авторите на истражувањето.
Истражувањето покажува дека климатските промени нема да влијаат само врз производството од обновливите извори, туку истовремено ќе ја менуваат и потрошувачката на електрична енергија, особено во периоди на екстремни горештини кога значително расте користењето на климатизација. Комбинацијата од намалено производство и зголемена побарувачка, според авторите, претставува најголем ризик за идните електроенергетски системи.
Првиот автор на студијата, Лијинг Киу, нагласува дека повеќе не е доволно само да се инсталираат нови соларни и ветерни капацитети.
„Не е важно само колку обновливи извори ќе изградиме, туку и каде ќе ги изградиме за да обезбедуваат електрична енергија тогаш кога системот најмногу има потреба од неа“, посочува Киу.
Студијата покажува дека во Њу Ингланд приоритет треба да биде изградба на нови соларни електрани и зајакнување на преносната мрежа во близина на големите потрошувачки центри, додека во Тексас најголем ефект би имало поставување нови ветерни електрани во западниот дел од државата и проширување на преносната инфраструктура.
Истражувачите сметаат дека нивниот модел може да стане важна алатка за енергетските компании, операторите на преносните системи и креаторите на политики, бидејќи овозможува планирање на идните инвестиции врз основа на климатските услови што ќе важат во текот на работниот век на електраните, кој најчесто изнесува околу 25 години. Според нив, подоброто планирање, а не само поголемите инвестиции, ќе биде клучно за изградба на поотпорни и посигурни електроенергетски системи.
Извор: News.MIT.edu
