Тиват. 09 април 2025 – На реномираниот ESG Adria Summit 2025 во Тиват, Црна Гора, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, говореше за визијата на Македонија за зелената иднина на државата.
На панелот насловен како „Мобилизирање на капитал за зелени проекти“, министерката Божиновска ги презентираше клучните чекори на Македонија кон енергетската трансформација.

„Од првиот ден, нашата влада работи на енергетска инфраструктура што носи стабилност, одржливост и економски раст. Комбинираме развој на државни капацитети со привлекување приватни инвестиции во обновливи извори. Со поддршка од ЕБРД, воведуваме механизми како Contract-for-Difference, кои го минимизираат ризикот за инвеститорите“, изјави таа.
Македонија, според Божиновска, се движи кон праведна транзиција. „Модернизацијата на РЕК Битола е приоритет, но истовремено инвестираме во соларни и ветерни електрани за да постигнеме 38% учество на обновливи извори до 2030 година. Регионалната соработка е клучна – новите интерконекции со Албанија, Грција и соседите ќе ја зајакнат енергетската мрежа и ќе отворат врати за нови инвестиции“, нагласи министерката.
Клучните проекти вклучуваат надградба на РЕК Битола, изградба на соларни и ветерни капацитети, како и развој на когенеративни централи како преодно решение. Божиновска потенцира дека новите интерконекции не само што ќе го стабилизираат системот, туку и ќе ја позиционираат Македонија како играч на пазарот за чиста енергија.
На панелот се приклучија и експерти од ЕБРД, Меѓународната финансиска корпорација и лидери од енергетскиот сектор, кои ја истакнаа потребата од јасни регулативи и регионална координација за успех на зелените проекти. Дискусиите потврдија дека Западниот Балкан е важен дел од европската зелена агенда, но дека амбициозните цели бараат континуирани инвестиции и политичка решителност.
Со својата презентација, министерката Божиновска покажа дека Македонија не само што следи, туку и активно ја обликува зелената иднина на регионот. ESG Adria Summit 2025 уште еднаш ја потврди улогата на земјата како лидер во енергетската трансформација.
Под покровителство на црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ и премиерот Милојко Спајиќ, самитот привлече над 700 експерти, бизнисмени и политичари од регионот, поставувајќи се како централна платформа за дискусии за одржлив развој.
Извор: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини