ИЕА: Светската потрошувачка на струја ќе забрза, обновливите извори првпат ќе го надминат јагленот

Глобалната побарувачка за електрична енергија ќе продолжи да расте со забрзано темпо во следните две години, и покрај нестабилноста на енергетските пазари и повисоките цени на природниот гас предизвикани од воените случувања на Блискиот Исток, се наведува во најновото полугодишно ажурирање на извештајот за пазарот на електрична енергија на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).

Извештајот претставува ажурирање на годишната анализа „Electricity 2026“, објавена во февруари, и ги опфаќа најновите движења на светските пазари, со ревидирани податоци за 2025 година и прогнози за 2026 и 2027 година. Документот анализира како геополитичките тензии, цените на енергенсите, економската активност и климатските услови влијаат врз побарувачката и производството на електрична енергија, емисиите на јаглерод диоксид (CO₂), како и движењата на големопродажните цени на електричната енергија во клучните светски економии, меѓу кои Кина, Европската Унија, Индија и САД.

Според прогнозите на ИЕА, глобалната потрошувачка на електрична енергија ќе порасне за 3,6 проценти во 2026 година и за дополнителни 3,8 проценти во 2027 година, по растот од три проценти во 2025 година. До крајот на 2027 година светската потрошувачка се очекува да достигне околу 30.700 терават-часови (TWh), што е зголемување од повеќе од 2.000 TWh во споредба со 2025 година.

РЕКЛАМА

Главни двигатели на растот остануваат индустриското производство, сè поголемата употреба на електрични возила, климатизацијата поради повисоките температури, брзото ширење на дата-центрите и дигиталната инфраструктура, како и забрзаната електрификација на транспортот, зградите и индустријата.

Во извештајот се посочува дека нарушувањата во испораките на течен природен гас (ЛНГ) преку Ормускиот Теснец, како последица на конфликтите на Блискиот Исток, довеле до нагло зголемување на цените на природниот гас во Европа и Азија, достигнувајќи највисоки нивоа од енергетската криза во 2022 и 2023 година. Во одредени земји тоа резултирало со воведување мерки за ограничување на потрошувачката на енергија и со повторно зголемување на производството на електрична енергија од јаглен.

Сепак, ИЕА оценува дека електроенергетските системи покажале релативна отпорност благодарение на дополнителните испораки на ЛНГ, особено од Северна Америка, како и поради континуираното зголемување на производството од обновливите извори на енергија, што придонело за поголема диверзификација на снабдувањето и подобра енергетска безбедност.

Една од најзначајните прогнози во извештајот е дека обновливите извори на енергија во текот на 2026 година првпат ќе станат најголем светски извор на производство на електрична енергија, надминувајќи го јагленот. Производството од обновливи извори годинава ќе порасне за повеќе од осум проценти, а нивниот удел во глобалното производство ќе се зголеми од 33 проценти во 2025 година на 37 проценти во 2027 година.

Сончевата енергија ќе продолжи да биде главен двигател на оваа трансформација. Производството од фотоволтаични електрани во 2026 година ќе се зголеми за околу 600 терават-часови, што ќе биде еднакво на рекордниот раст остварен во 2025 година. Со тоа, соларната енергија ќе ја престигне ветерната и ќе стане втор најголем обновлив извор на електрична енергија во светот, веднаш зад хидроенергијата.

Од најголемите светски економии, Кина ќе остане главен двигател на растот со очекувано зголемување на потрошувачката на електрична енергија од 5,5%, поттикнато од индустриското производство и растечкиот број електрични возила. Во Индија се очекува раст од седум проценти по послабата 2025 година, додека во САД и Европската Унија потрошувачката ќе се зголеми за околу два проценти.

За разлика од тоа, земјите во Азија што зависат од увоз на течен природен гас, како Пакистан и Бангладеш, ќе се соочат со послаб раст на потрошувачката поради високите цени на енергенсите и нарушувањата во снабдувањето.

ИЕА предупредува дека временските услови остануваат значаен фактор на неизвесност. Посилен феномен Ел Нињо во текот на 2026 година би можел дополнително да ја зголеми побарувачката за електрична енергија поради поголемите потреби за ладење, а истовремено да го намали производството од хидроелектраните и ветерните паркови во одредени региони.

Според прогнозите, емисиите на јаглерод диоксид од производството на електрична енергија ќе пораснат за околу еден процент во 2026 година поради зголеменото користење на јагленот како замена за поскапиот природен гас. Сепак, во 2027 година тие се очекува да се стабилизираат благодарение на понатамошниот раст на обновливите извори и нуклеарната енергија.

Извештајот покажува дека ценовниот шок на пазарот на ЛНГ директно се одразил и врз цените на електричната енергија. Во вториот квартал од годинава просечните големопродажни цени на струјата во Европската Унија и Јапонија биле за повеќе од 30% повисоки во споредба со истиот период лани. Во САД цените останале релативно стабилни, додека во Индија забележале раст од помалку од 10%.

ИЕА исто така констатира дека со зголемувањето на уделот на обновливите извори сè почесто се појавуваат негативни цени на електричната енергија на големопродажните пазари, што укажува на недоволна флексибилност на електроенергетските системи. Според Агенцијата, токму затоа батериските системи за складирање на енергија, флексибилното управување со потрошувачката и модернизацијата на електроенергетските мрежи ќе имаат клучна улога во обезбедувањето сигурно, стабилно и економично снабдување со електрична енергија во следните години.

Извор: IEA.org

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил