Атина. 18 мај 2025 – Во текот на 2024 година, задоцнетите долгови на потрошувачите на електрична енергија драматично пораснаа за 39,9% во споредба со претходната година, достигнувајќи вкупна сума од 3,4 милијарди евра, покажува најновиот извештај на грчката Регулаторната агенција за енергија (RAAEY).
Според податоците, најголем дел од оваа сума, дури 1,6 милијарди евра произлегува од потрошувачи кои имаат променето снабдувач. Претставниците на пазарот предупредуваат дека мнозинството од овие случаи се однесуваат на т.н. „стратешки должници“, односно, корисници кои намерно ја злоупотребуваат законската можност за честа промена на снабдувач со цел да избегнат плаќање на долговите.
Феноменот, наречен „енергетски туризам“, го оптоварува пазарот уште од 2020 година, но досега не е најдено ефикасно решение. Мерките што беа најавени од поранешното раководство на Министерството за енергетика на Грција минатата година сè уште се во фаза на чекање.
RAAEY проценува дека просечниот трошок кој го сносат снабдувачите, а индиректно и потрошувачите, изнесува околу 60 евра по мегават-час, сума што се распоредува помеѓу сегашни и поранешни клиенти. Иако снабдувачите не се целосно согласни со методологијата на пресметка, тие признаваат дека дел од финансискиот удар сепак се пренесува на редовните, дисциплинирани потрошувачи.
„Нивото на наталожени долгови врши директен притисок врз крајните сметки за струја,“ изјави претседателот на здружението на снабдувачи (ESPEN), Анастасиос Лостаракос. „И покрај постојаните напори да се апсорбира дел од загубите, реалноста е дека токму редовните потрошувачи ја плаќаат цената на оваа злоупотреба.“
Според него, решавањето на проблемот со „енергетскиот туризам“ би можело значително да го ублажи притисокот врз цените на струјата и да донесе правична распределба на товарот на енергетскиот систем.
Извор: Катимерини