Германија ги отстранува регулаторните пречки за користење на батериите во електричните автомобили како извор на електрична енергија за домаќинствата и за испорака на струја назад во мрежата.
Германската Федерална агенција за мрежи (Bundesnetzagentur) донесе нови правила со кои се отвора патот за поширока примена на технологијата „возило-кон-мрежа“ (vehicle-to-grid – V2G). Одлуката следува по измените на првичниот предлог на регулаторот, по забелешките од индустријата, објави „Ројтерс“.
Со новата регулатива, сопствениците на електрични автомобили ќе можат да ја користат батеријата на возилото не само за складирање енергија, туку и за напојување на домот или за враќање електрична енергија во мрежата.
Практично, електромобилот може да се полни со евтина електрична енергија од мрежата или со соларна енергија произведена на покривот на домот. Подоцна, кога цената на електричната енергија е повисока или кога има потреба од дополнително снабдување, енергијата од батеријата може да се користи во домаќинството или да се испорача назад во мрежата.
Клучна промена е одлуката да се отстрани регулаторната пречка што досега ги ограничуваше сопствениците на субвенционирани соларни системи. Според досегашните правила, комбинирањето на електрична енергија од соларниот систем и од мрежата во истата батерија можеше да доведе до губење на поддршката што ја добиваат преку германскиот систем за поддршка на обновливите извори.
Новите правила, познати како MiSpeL – кратенка од „Market Integration of Storage and Charging Points“, воведуваат начин на пресметување со кој треба да се разграничи потеклото на електричната енергија што влегува и излегува од батеријата.
За тоа ќе се користат податоци од мерења во интервали од 15 минути, со што ќе може да се утврди колкав дел од електричната енергија потекнува од соларниот систем, колкав дел од мрежата и колкав дел претставува претходно складирана енергија.
Новата рамка нема веднаш да се применува во целост. До 30 септември 2027 година е предвиден преоден период во кој корисниците ќе треба да добијат одобрение од операторите на дистрибутивната мрежа и од операторите на мерната инфраструктура.
Периодот треба да им овозможи на компаниите да ги приспособат информациските и системите за мерење и наплата за новиот начин на користење на батериите.
Одлуката претставува важен чекор за интегрирање на електричните автомобили во енергетскиот систем. Наместо батеријата да се користи исклучиво за движење на возилото, таа може да стане и дополнителен капацитет за складирање електрична енергија, кој може да се користи во домаќинството или да придонесе кон балансирање на мрежата.
Извор: Ројтерс
