Германија и Азербејџан ги продлабочуваат своите стратешки односи, при што енергетиката останува во центарот на билатералната соработка. За време на официјалната посета на азербејџанскиот претседател Илхам Алиев на Берлин, двете земји потпишаа Декларација за стратешко партнерство и повеќе договори што опфаќаат енергетика, транспорт, инфраструктура, трговија, инвестиции, наука и технологија.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека Азербејџан станува сè поважен партнер во стратегијата на Германија за диверзификација на енергетските извори и намалување на зависноста од рускиот гас.
„Создавате можност Германија да добива поголеми количини природен гас од Азербејџан. Тоа е важен дел од нашата заедничка декларација“, изјави Мерц.
Според претседателот Алиев, испораките на азербејџански гас за Германија, кои започнаа во 2024 година преку Јужниот гасен коридор, ќе достигнат околу 2 милијарди кубни метри годишно до 2027 година. Во моментов Азербејџан испорачува околу 12 милијарди кубни метри природен гас годишно за европските пазари, меѓу кои најголеми потрошувачи се Италија, Грција, Бугарија и Унгарија.
Во првите пет месеци по почетокот на извозот на сурова нафта кон Германија, Азербејџан испорачал 360.300 тони сурова нафта и нафтени деривати, во вредност од околу 210,9 милиони долари (196 милиони евра). Експертите сметаат дека земјата во иднина може да стане и транзитен коридор за казахстанска нафта и туркменски природен гас кон европските пазари.
Од добавувач на гас до стратешки индустриски партнер
Енергетската соработка повеќе не се ограничува само на испораките на природен гас. Според аналитичарот Орхан Јолчојев од аналитичкиот центар CASPIA, Азербејџан постепено се трансформира од класичен енергетски снабдувач во важен индустриски и логистички партнер на Германија.
Во 2025 година трговската размена меѓу двете земји достигна околу 1,7 милијарди евра, а во Азербејџан работат повеќе од 250 германски компании во секторите индустрија, градежништво, транспорт, логистика и енергетика.
„Германија сè повеќе го гледа Азербејџан не само како снабдувач со енергенси, туку и како партнер во новите индустриски и логистички проекти што ги поврзуваат Европа, Јужен Кавказ и Централна Азија“, оценува Јолчојев.
Дополнително, двете страни договорија соработка во областите на зелената енергија, производството на нискојаглероден водород, дигиталната трансформација, индустриската модернизација и иновациите, што претставува значително проширување на досегашното партнерство.
Средниот коридор добива сè поголемо значење
Покрај енергетиката, високо на агендата беше и развојот на таканаречениот Среден коридор (Middle Corridor), транспортна рута што ги поврзува Кина и Централна Азија со Европа преку Каспиското Море, Азербејџан, Грузија и Турција.
По руската инвазија врз Украина, оваа траса добива сè поголемо стратешко значење како алтернатива на транспортните рути преку Русија. Азербејџан инвестира во проширување на пристаништето Алат на Каспиското Море и во модернизација на железничката инфраструктура, со цел да стане клучен логистички центар за европската трговија со Азија.
Европа ја продолжува диверзификацијата
Продлабочувањето на германско-азербејџанските односи се вклопува во пошироката стратегија на Европската Унија за диверзификација на енергетските извори по прекинот на најголемиот дел од увозот на руски гас.
Покрај сигурното снабдување со природен гас преку Јужниот гасен коридор, Брисел сè повеќе гледа на Азербејџан како партнер и во развојот на обновливите извори на енергија, производството на зелен водород и создавањето нови транспортни коридори што ќе ја зголемат отпорноста на европските синџири на снабдување.
Со потпишаната декларација, Германија станува втората европска држава, по Италија, која воспоставува ваков сеопфатен стратешки договор со Азербејџан, потврдувајќи дека соработката меѓу двете земји влегува во нова фаза, во која енергетската безбедност останува основа, но сè поголема тежина добиваат инвестициите, индустријата, зелената транзиција и транспортната поврзаност.

Извор: Euronews.com
