На светскиот автомобилски пазар се појавува нов проблем во снабдувањето – недостиг на висококвалитетни базни масла што се користат за производство на моторни масла. Volkswagen, Stellantis и Toyota веќе бараат алтернативни добавувачи и нови формулации за да се избегнат поголеми проблеми во сервисирањето на возилата.
Проблемот е поврзан со прекините во снабдувањето од Блискиот Исток, од каде Европа и САД во голема мера ги обезбедуваа таканаречените базни масла од Група III. Станува збор за високо рафинирани нафтени производи кои се основа за производство на современи моторни масла.
Цената на овие масла во Европа и САД достигна околу 4.000 долари за тон, што е речиси трипати повеќе од нивото пред војната.
Снабдувањето дополнително беше нарушено во март, кога ирански ракети го погодија големиот погон на Shell во Катар, каде што се произведуваат производи од природен гас. Погонот претрпе значителна штета и беа потребни поправки, по што дел од купувачите во Европа и САД почнаа итно да бараат други извори.
Некои производители од Блискиот Исток веќе ги распродадоа расположливите количества, а за дел од испораките прогласија и виша сила.
– Има сè помалку алтернативи, изјави Габриела Твининг од Argus Media, предупредувајќи дека и во случај на брзо отворање на Ормускиот Теснец, нови количества за Европа и САД не би пристигнале пред октомври.
Автопроизводителите ги менуваат плановите
Производителите на автомобили сега се обидуваат да обезбедат нови извори на моторни масла, но тоа не е едноставно. Новите производи мора да ги исполнат строгите барања за квалитет и перформанси, а во некои случаи се потребни и дополнителни одобренија.
Stellantis соопшти дека веќе тестирал нови формулации на мазива и обезбедил алтернативни производи кои ги исполнуваат индустриските стандарди.
Volkswagen, пак, наведува дека недостигот ги погодува сите производители и дека засега ги обезбедил потребните количества, но продолжува да бара дополнителни извори кои ќе ги исполнуваат неговите технички и квалитативни стандарди.
И Toyota потврди дека е погодена од ситуацијата, но соопшти дека успеала да обезбеди алтернативно снабдување.
Последиците веќе се чувствуваат и во Јапонија. Во дел од сервисите на Suzuki од јуни има доцнења при редовната промена на моторното масло. Компанијата го преиспитува синџирот на снабдување и бара начини за поголема диверзификација на добавувачите.
Во Осака, една такси-компанија соопшти дека достапноста на базните масла малку се подобрила, но цените се двојно повисоки, поради што морала да ги зголеми и цените на такси-превозот.
Индустријата стравува од нов удар
Иако најголемите производители засега успеваат да најдат алтернативи, пазарот останува затегнат. Нов проблем со транспортот, прекин во работа на рафинерија или друг удар врз снабдувањето може повторно да предизвика сериозен недостиг.
Дополнителен проблем е што бројот на големи производители на базни масла е намален поради консолидацијата во индустријата. Во исто време, и потенцијалните алтернативни добавувачи, како оние од Јужна Кореја, се соочуваат со проблеми во обезбедувањето сурова нафта.
За возачите, продолжувањето на кризата би можело да значи повисоки цени и доцнења при редовната промена на моторното масло, што е едно од основните одржувања неопходни за нормална работа и заштита на моторот.
Индустријата предупредува дека во моментов има многу малку простор за дополнителни нарушувања во снабдувањето.
Извор: Financial Times
