Европската комисија ќе ја разгледа можноста за воведување данок на вонредните профити на енергетските компании, откако шест земји членки побараа заеднички одговор на високите цени на енергијата. Како што објавува „Фајненшл тајмс“ (FT), иницијативата доаѓа во услови на зголемени заработки на нафтените и гасните компании и рафинериите, во период кога војната меѓу САД, Израел и Иран и затворањето на Ормускиот Теснец ги нарушија глобалните текови на енергенси.
Европскиот комесар за економија Валдис Домбровскис изјави дека Европската комисија и министрите за финансии се согласиле да формираат работна група што ќе ја разгледува можноста за оданочување на вонредните профити. Иако Брисел смета дека земјите членки се во најдобра позиција да одлучуваат за даночните мерки на национално ниво, растечкиот притисок од дел од владите ја враќа идејата за заеднички пристап на европската агенда.
Германија, Италија, Шпанија, Полска, Австрија и Португалија бараат мерки за ублажување на последиците од високите цени, додека домаќинствата и компаниите се соочуваат со зголемени трошоци за енергија. За владите, оданочувањето на дополнителната заработка на енергетските компании е една од можностите за обезбедување средства за поддршка на потрошувачите.
Европската Унија веќе примени ваква мерка во 2022 година, за време на енергетската криза по руската инвазија врз Украина. Тогаш беше воведен вонреден придонес од најмалку 33% за делот од профитот на енергетските компании што го надминувал за повеќе од 20% нивниот просечен профит во претходните три години. Приходите од мерката ги наплатуваа земјите членки.
Сепак, повторното воведување данок на вонредните профити не е извесно. По растот на цените на енергијата предизвикан од нарушувањата во Ормускиот Теснец, Европската комисија досега беше претпазлива и главно најавуваше дека ќе им дава насоки на земјите што сакаат самостојно да преземат мерки.
Дополнителен проблем се правните спорови околу данокот воведен во 2022 година. Нафтени и гасни компании во Белгија, Ирска, Италија и други земји ја оспоруваат законитоста на тогашната мерка, а постапките сè уште се водат пред Судот на правдата на Европската Унија. Овие случаи ги прават европските функционери повнимателни кон можноста за ново оданочување.
„Секогаш треба да се разгледа целиот опсег на можни решенија“, изјави европскиот комесар за даноци и климатска политика Вопке Хоекстра, но истовремено предупреди дека ваквата мерка носи правни и практични компликации и дека повеќе земји членки се против неа.
Формирањето на работната група засега не значи дека Европската Унија ќе воведе заеднички данок. Следниот чекор ќе биде да се разгледаат можностите и пречките за негово спроведување, во услови кога земјите членки имаат различни ставови за тоа како треба да се распределат трошоците од енергетската криза и како да се финансира поддршката за потрошувачите.
Извор: Financial Times
