Франција привремено исклучи два нуклеарни реактори поради екстремно високите температури и загревањето на речните води, со цел да се заштитат водните екосистеми, соопшти државната енергетска компанија EDF.
Од работа се повлечени реакторите во нуклеарните централи Ножан-сур-Сен, северно од Париз, и Буже, во близина на Лион. Одлуката е донесена откако температурите на реките Сена и Рона достигнале нивоа што не дозволуваат безбедно испуштање на загреаната вода што се користи за ладење на реакторите.
Според француските прописи, нуклеарните централи мора да го ограничат производството или целосно да ги исклучат реакторите кога постои ризик испуштената вода дополнително да ја зголеми температурата на реките и да им наштети на растителниот и животинскиот свет.
Претходно оваа недела беше намалено производството и во еден од реакторите во Ножан-сур-Сен, а во понеделникот беше исклучен и реактор во централата Голфеш, додека производството е намалено и во неколку други нуклеарни постројки низ земјата.
И покрај привремените исклучувања, францускиот оператор на електроенергетската мрежа RTE уверува дека земјата располага со доволно производствени капацитети за стабилно снабдување со електрична енергија.
Франција во моментов се соочува со еден од најсилните топлотни бранови во својата историја. Повеќе од половина од департманите се под највисоко ниво на тревога поради екстремните горештини, а граѓаните се предупредени да избегнуваат престој на сонце и да бидат особено внимателни.
Според француските власти, досега се потврдени најмалку 18 смртни случаи поврзани со високите температури, додека од 18 јуни наваму се регистрирани најмалку 40 давења.
Топлотниот бран ја зафати и поголем дел од Европа. Германија, Шпанија, Португалија и Швајцарија исто така се соочуваат со екстремни температури, поради што дел од училиштата се затворени, а железничкиот сообраќај во некои градови е ограничен за да се намали ризикот од дефекти.
Метеоролозите предупредуваат дека температурите во медитеранскиот регион би можеле да достигнат и до 43 Целзиусови степени, додека научниците оценуваат дека климатските промени значително ја зголемуваат зачестеноста и интензитетот на ваквите екстремни топлотни бранови.
Извор: Euronews.com
