Евростат: САД и Норвешка остануваат главни снабдувачи на енергенси за ЕУ

Вредноста на увозот на природен гас во Европската Унија во првиот квартал од 2026 година бележи пад, покажуваат најновите податоци на Евростат. Истовремено, увозот на сурова нафта останал речиси непроменет во споредба со просекот од 2025 година.

Кај увозот на природен гас преку гасоводи е регистриран пад и на вредноста и на количините. Вредноста на увозот е намалена за 12,7% , додека увезените количини се помали за 4%.

Кај течниот природен гас (ЛНГ), пак, е забележан различен тренд. Иако вредноста на увозот е намалена за 8%, физичкиот обем на увезени количини е зголемен за 2,9%, што упатува на пониски цени на меѓународните пазари во однос на претходниот период.

РЕКЛАМА

За разлика од природниот гас, увозот на сурова нафта останал стабилен. Вредноста на увозот се зголемила за 0,8%, додека количините се намалиле за 0,6%, што укажува на минимални промени во побарувачката и цените.

Според Евростат, САД и понатаму се најголем поединечен снабдувач на Европската Унија со енергенси. Во првиот квартал од годинава, 17,8% од увезената сурова нафта пристигнале од САД, 16,6% од Норвешка, а 9,6% од Казахстан.

Кај течниот природен гас доминацијата на САД е уште поизразена. Повеќе од половина, односно 57,4% од вкупниот увоз на ЛНГ во ЕУ, потекнува од американскиот пазар. Русија учествува со 17,3% , додека Катар обезбедува 6,6% од увезените количини.

Норвешка останува убедливо најголем снабдувач со природен гас преку гасоводи, со удел од 54,4% во вкупниот увоз на ЕУ. Следуваат Алжир со 18,5% и Русија со 9,8%.

Податоците покажуваат дека, и покрај продолжените напори за диверзификација на снабдувањето, САД и Норвешка и натаму имаат клучна улога во обезбедувањето енергенси за европскиот пазар.

Извор: Евростат

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил