Иако војната со Иран предизвика сериозни потреси на глобалните енергетски пазари, Европа засега успева да ја избегне најавуваната криза со снабдувањето со авионско гориво. Сепак, експертите предупредуваат дека сегашната стабилност е привремена и дека континентот би можел да се соочи со сериозен енергетски притисок во наредните месеци.
Цените на нафтата, гасот и другите енергенси во Европа останаа релативно стабилни од почетокот на конфликтот на Блискиот Исток. Европските власти уверуваат дека снабдувањето е сигурно, иако дел од аналитичарите предупредуваат дека светот се соочува со една од најголемите енергетски кризи во поновата историја.
Европа успеа брзо да се приспособи на намалените испораки од Персискиот Залив преку зголемен увоз од САД и други производители, засилено домашно производство и побрза транзиција кон обновливи извори на енергија.
Сепак, според аналитичарите и трговците со енергенси, овие мерки не можат долгорочно да ја сокријат реалноста дека огромен дел од светското производство и транспорт на енергија и натаму е зависен од Ормускиот Теснец, кој останува под сериозен ризик поради конфликтот во регионот.
Најголемата загриженост во Европа моментално е поврзана со авионското гориво. Иако стравувањата дека резервите ќе бидат исцрпени до крајот на мај не се остварија, европските земји мораа драстично да го зголемат увозот на авионско гориво од САД, речиси петпати повеќе во периодот меѓу февруари и мај.
Дополнително, европските рафинерии го зголемија производството, а во снабдувањето помогна и повторното активирање на голема рафинерија во Нигерија.
Но, експертите предупредуваат дека континентот „тивко влегува во нова криза“. Според проценките на аналитичката компанија „Кплер“, до септември ќе мора значително да се намали побарувачката за авионско гориво во Европската Унија и Велика Британија.
Во меѓувреме, Европската комисија зад затворени врати веќе разговара со земјите-членки за координирани мерки за намалување на потрошувачката со цел да се избегнат сериозни недостигнувања во текот на есента.
Неколку европски аеродроми, особено во туристички зависната Италија, веќе пријавиле недостиг на гориво, додека дел од авиокомпаниите би можеле да ги зголемат цените на билетите или да откажуваат летови доколку кризата се продлабочи.
Дополнителен ризик претставуваат и можните нови американски напади врз Иран, кои би можеле дел од испораките на авионско гориво да ги пренасочат кон американската воена авијација. Стравувања постојат и од евентуална забрана за извоз на гориво од САД доколку цените на домашниот пазар нагло пораснат.
Паралелно со кризата со нафтата, расте и загриженоста околу снабдувањето со течен природен гас (ЛНГ), кој учествува со значителен дел во европското производство на електрична енергија.
Иако Европа моментално е помалку зависна од блискоисточниот ЛНГ благодарение на американските испораки, аналитичарите предупредуваат дека конкуренцијата со азиските пазари станува сè поостра, особено со Кина, која агресивно купува дополнителни количини гас.
Дополнителен проблем е тоа што европските земји ова лето побавно од вообичаено ги полнат резервите на гас, што може да предизвика паника и нов раст на цените пред почетокот на зимската сезона.
Експертите предупредуваат дека САД веќе работат со максимален капацитет за извоз на ЛНГ и немаат можност значително да го зголемат производството во краток рок.
„Европа можеби ќе продолжи да има енергија, но по сè повисока цена. За други делови од светот, ова може да значи и целосен недостиг на енергенси“, предупредуваат аналитичарите.
Извор: Politico.eu
