Мрежата на полначи за електрични возила во Македонија продолжува да се шири, а заклучно со мај годинава располага со 67 полначи и 131 место за полнење во 20 градови низ државата, соопшти ЕВН Македонија.
Од компанијата информираат дека во периодот од јануари до мај 2026 година се реализирани 6.589 сесии на полнење на електрични возила, што, како што наведуваат, укажува на континуиран раст на електромобилноста и зголемена употреба на јавната инфраструктура за полнење.
Според ЕВН Снабдување, зад овие резултати стојат континуирани инвестиции во развојот на мрежата, со цел да се обезбеди сигурно, едноставно и достапно полнење за сите корисници на електрични возила.
Од компанијата најавуваат дека ќе продолжат со проширување на инфраструктурата преку поставување нови полначи и надградба на постојните локации, со што електромобилноста треба да стане уште подостапна во сите делови на земјата.
Енергетика 24
