ЕксонМобил и Шеврон го зголемуваат производството и покрај падот на цените на нафтата

Двете најголеми американски нафтени компании бележат раст на производството во третиот квартал, иако се предвидува вишок на понуда на глобалните пазари.

Њујорк. 1 ноември 2025 – ЕксонМобил и Шеврон продолжуваат да го зголемуваат производството на нафта, и покрај прогнозите за претстојна прекумерна понуда и пад на цените. Зголемената продукција во третиот квартал им помогна на компаниите да го ублажат ефектот од намалувањето на цената на суровата нафта за околу 10 долари по барел во изминатата година.

Шеврон објави рекордно производство од 4,1 милион барели нафтен еквивалент дневно, што е пораст од повеќе од 20% во однос на истиот период минатата година. Зголемувањето главно произлегува од интеграцијата на американската енергетска компанија Hess, која Шеврон ја купи во јули за 53 милијарди долари, што додаде речиси половина милион барели дневно. Дополнителни количини доаѓаат и од проширувањата на проектите во САД и Казахстан.

РЕКЛАМА

ЕксонМобил извести за производство од 4,8 милиони барели дневно, што е највисоко ниво на течни горива од спојувањето со Mobil пред повеќе од две децении. Компанијата постигна 1,7 милиони барели дневно во базенот Пермјан, најголемото наоѓалиште во САД, и 700.000 барели дневно во Гвајана.

Нето-приходот на Шеврон во третиот квартал изнесувал 3,5 милијарди долари, или 1,82 долари по акција под минатогодишните 4,5 милијарди, но над пазарните очекувања. ЕксонМобил оствари добивка од 7,5 милијарди долари, или 1,76 долари по акција, што исто така ги надмина прогнозите. Двете компании пријавија подобри резултати од претходниот квартал, кога профитот падна на најниско ниво од пандемијата наваму.

„Испорачавме највисока заработка по акција во споредба со други квартали со слични пазарни услови,“ изјави извршниот директор на ЕксонМобил, Дарен Вудс.

И покрај прогнозите на Меѓународната агенција за енергија дека до 2026 година може да се појави глобален вишок од 4 милиони барели дневно, двете компании очекуваат побарувачката за нафта да остане силна. Финансиската директорка на Шеврон, Емеар Бонер, истакна дека компанијата е подготвена и за продолжен пад на цените, нагласувајќи дека „побарувачката останува отпорна, а динамиката е повеќе на страната на понудата.“

Шеврон најави дека ќе отпушти до 20% од своите вработени до крајот на 2026 година и веќе пријави трошоци од 235 милиони долари поврзани со интеграцијата на Hess. ЕксонМобил, пак, соопшти дека од 2019 година има остварено над 14 милијарди долари структурни заштеди и планира тие да надминат 18 милијарди до 2030 година.

Компанијата продолжува со големи експанзии и планира производство од 5,4 милиони барели дневно до крајот на деценијата. ЕксонМобил најави дека размислува за повторно активирање на проектот за течен природен гас вреден 30 милијарди долари во Мозамбик, кој беше запрен четири години поради безбедносни причини.

Извор: Financial Times

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба