Романија се издвојува како неочекуван лидер во развојот на обновливата енергија во Европската Унија, бидејќи паралелно со изградбата на соларни капацитети забрзано инвестира и во батерии за складирање на електричната енергија, објавува „Економист“.
Во време кога растот на соларната енергија во Европа забавува, Романија се обидува да го избегне проблемот што веќе се појавува на големите европски пазари, производство на повеќе соларна електрична енергија отколку што мрежата може да пренесе или складира.
Европската Унија во 2025 година додала 67,2 GW нови производствени капацитети, што е речиси исто како и претходната година. За 2026 година, пак, се очекува растот на новите соларни инсталации да забави во речиси сите големи земји членки, со исклучок на Италија.
Причината, според „Економист“, е сè поголемиот проблем со електроенергетските мрежи. Во сончевите часови соларните централи произведуваат големи количества електрична енергија, но мрежата често нема доволен капацитет да ја пренесе до местата каде што е потребна или да ја складира за подоцнежна употреба.
Тоа веќе доведува до сè почести периоди со негативни цени на електричната енергија. Во првата половина од 2026 година, бројот на часови со негативни цени бил за 33% поголем во Германија и за дури 237% поголем во Шпанија во споредба со првата половина на 2024 година.

Романија оди чекор понапред
Европската Унија проценува дека до 2030 година ќе има потреба од околу 150 GW капацитет за складирање, додека на крајот од 2025 година биле инсталирани само 37 GW.
Романија се обидува да не ја повтори грешката на дел од западноевропските земји, прво масовно да изгради соларни централи, а потоа да бара решение за вишокот електрична енергија.
„За разлика од многу западноевропски земји, Романија го воведува складирањето релативно рано во развојот на соларната енергија, наместо да се обидува да го надомести недостатокот откако веќе се изградени големи количества соларен капацитет“, вели Антонио Аруебо, аналитичар во SolarPower Europe.
Соларниот сектор во Романија пораснал за 45% во 2025 година, иако европскиот пазар стагнирал. Високите цени на електричната енергија и државните субвенции поттикнале околу 330.000 домаќинства и компании да постават сопствени соларни панели.
Откако производството почнало да расте, фокусот се префрлил кон складирањето. Романската влада минатата година укинала дел од даноците за складирање електрична енергија, а во мај најавила дека 76 милиони евра од средствата наменети за соларни субвенции ќе бидат пренасочени кон батерии.
До првата половина на 2026 година, околу една третина од прозумерите домаќинства и компании кои произведуваат електрична енергија и истовремено ја трошат – веќе имале батериски системи.
Батериите се поставуваат и кај големите соларни паркови
Романија не го ограничува складирањето само на домаќинствата. Владата ги поттикнува и инвеститорите во големи соларни паркови да поставуваат батерии директно до производните капацитети.
Еден од најголемите примери е проектот Огрeзени, кој треба да комбинира 762 MW соларна моќност со 1 GWh батериски капацитет. Проектот се очекува да биде пуштен во употреба во 2027 година и да биде меѓу најголемите соларно-батериски комплекси во Европа.
Овој модел има дополнителна предност – електричната енергија може да се складира веднаш до местото каде што се произведува, наместо дополнително да ја оптоварува мрежата.
Романија, сепак, прифаќа дека ваквиот пристап може краткорочно да го забави растот на соларниот сектор. За новите проекти инвеститорите мора да обезбедат услови за приклучување на мрежата и складирање, додека државата ги пренасочува дел од субвенциите од соларни панели кон батерии.
Дополнително, зголемен е и минималниот депозит што инвеститорите треба да го уплатат кога бараат приклучок на мрежата. Со тоа се обидува да се спречи создавање долги листи од проекти кои резервираат капацитет, но никогаш не се реализираат.
Според „Економист“, пристапот на Романија покажува како би можела да изгледа следната фаза од европската енергетска транзиција. Фокусот повеќе не е само на тоа колку соларни панели ќе се постават, туку и што ќе се направи со електричната енергија кога производството ќе биде најголемо.
Токму комбинацијата на соларни централи, батерии и мрежна инфраструктура би можела да биде клучот за продолжување на растот на обновливата енергија во Европа.
Извор: Economist.com
