Русија на крајот од август произведува само околу 70% од количината бензин што ѝ е потребна за домашниот пазар, откако украинските напади со дронови повторно предизвикаа прекини во работата на дел од најголемите рафинерии во земјата.
Според податоци до кои пристап имала агенцијата „Ројтерс“ од два извора во индустријата, производството во моментов е околу 80.000 тони дневно, додека потрошувачката се движи околу 115.000 тони. Така, дневно недостигаат приближно 35.000 тони бензин.
Во последната недела со напади беа погодени рафинерии во Перм, Нижни Новгород и Јарослављ. Прекините во овие објекти дополнително го намалија производството во момент кога руските власти веќе се обидуваат да го стабилизираат домашниот пазар на горива.
Проблемите со бензинот во Русија траат од мај. По краткото смирување во текот на јули, во август повторно се појавија недостиг и долги редици на бензинските пумпи.
Регионалните власти повторно воведоа ограничувања. На некои места е ограничена количината бензин што може да ја купи еден возач, а има и региони каде продажбата се организира според регистарските таблички.
Состојбата делумно ја ублажува и намалената побарувачка. Дел од граѓаните ги одложуваат патувањата кои не се неопходни поради страв од долги чекања на пумпите или можност да останат без гориво.
Москва го зголемува увозот
Со падот на домашното производство, Русија сè повеќе се потпира на увоз за да го надополни недостигот.
Учесници на пазарот очекуваат во август по морски пат во Русија да пристигнат околу 270.000 тони нафтени производи од азиските земји. Дополнителни количини се обезбедуваат и од Белорусија, од каде што увозот на бензин би можел да достигне околу 150.000 тони во текот на месецот.
Трговците проценуваат дека досега во август во Русија веќе се внесени околу 220.000 тони увезен бензин, што е просек од околу 7.000 тони дневно.
Москва во меѓувреме го продолжи ограничувањето на извозот на бензин, кој е забранет до 31 јануари, со цел достапното гориво да остане на домашниот пазар.
И покрај тоа, проценките покажуваат дека домашното производство и увозот во август заедно би обезбедиле околу 97.000 тони бензин дневно, што е приближно 85% од потребите на рускиот пазар.
Украина во последниот период ги засили нападите врз руската енергетска инфраструктура, особено врз рафинериите, во обид да го наруши снабдувањето со горива и да ги намали приходите на Москва од нафтениот сектор.
Извор: Ројтерс
