Рафинеријата во Панчево ќе продолжи да работи без намалување на капацитетите
Србија и унгарската енергетска групација МОЛ постигнаа договор за клучните отворени прашања поврзани со иднината на српската нафтена индустрија НИС, во процес што Белград го оценува како од стратешко значење за енергетската стабилност на земјата и регионот.
Српската министерка за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ соопшти дека се затворени сите преостанати прашања во договорот меѓу Србија и МОЛ околу акционерскиот договор (Shareholder Agreement), кој се однесува на планираното преземање на мнозинскиот руски удел во НИС.
„Србија и МОЛ постигнаа компромис за сите отворени прашања. Доколку ‘Газпром њефт’ и МОЛ постигнат конечен договор за продажба на 56,15% од акциите на НИС и американскиот ОФАК ја одобри трансакцијата, Србија ќе откупи дополнителни 5% од акциите на НИС“, објави министерката.
Според неа, со тоа државата Србија ќе добие значително поголеми права во носењето и блокирањето на клучните одлуки во компанијата, што Белград го смета за важно прашање на национална енергетска безбедност.
„Тоа ќе ѝ даде на Србија дополнителни механизми за заштита на националните интереси и поголемо влијание во управувањето со компанијата“, наведе Ѓедовиќ Хандановиќ.
Едно од најважните прашања во преговорите било идното функционирање на рафинеријата во Панчево, која претставува централна точка на српскиот нафтен сектор и е клучна за снабдувањето на домашниот и дел од регионалниот пазар со нафтени деривати.
Според договорот, МОЛ се обврзал дека рафинеријата ќе продолжи да работи со најмалку ист просечен годишен капацитет како во последните четири години пред воведувањето на американските санкции.
„Унгарската страна гарантираше дека рафинеријата во Панчево ќе продолжи да функционира како и досега. Тоа беше едно од клучните прашања за српската страна“, нагласи министерката.
Таа додаде дека претставниците на Србија во Одборот на директори на НИС во иднина ќе имаат значително пошироки овластувања од досегашните, особено кога станува збор за носење или блокирање одлуки што би можеле да бидат неповолни за државата.
„Такво ниво на влијание Србија немала уште од приватизацијата на НИС во 2008 година“, оцени Ѓедовиќ Хандановиќ.
Прашањето за иднината на НИС стана едно од најчувствителните енергетски и геополитички прашања во регионот откако Соединетите Американски Држави воведоа санкции кон компанијата поради доминантното руско сопствеништво.
Во моментов мнозинскиот удел од 56,15% е во сопственост на руската „Гаспром њефт“, а американските санкции отворија сериозен ризик за работењето на компанијата, финансирањето, снабдувањето и меѓународните трансакции.
Во обид да избегне евентуална енергетска криза и нарушување на снабдувањето со горива, Белград започна интензивни разговори со МОЛ, кој веќе има значајно присуство во енергетскиот сектор на Централна и Југоисточна Европа.
Доколку трансакцијата биде одобрена и од американската Канцеларија за контрола на странски средства (ОФАК), тоа би можело да претставува една од најголемите енергетски сопственички трансформации на Балканот во последната деценија.
Аналитичарите оценуваат дека евентуалното влегување на МОЛ во НИС ќе има пошироки последици врз енергетската архитектура на регионот, особено во услови на забрзано намалување на зависноста од руските енергенси и преструктуирање на енергетските пазари во Југоисточна Европа.
Српската влада, пак, се обидува да најде баланс меѓу зачувувањето на стратешката контрола врз домашниот енергетски сектор и притисоците од Западот за ограничување на руското влијание во критичната инфраструктура.
Енергетика 24
